Сарделата потекнува од Јужна Африка, а е исклучително популарно растение кое цвета и одлично вирее во краевите со континентална клима.
Може да ја чувате на прозорецот, балконот или во градината. Важно е само да има доволно сончева светлина и топлина за да може да цвета. Имаат еднослојни или повеќеслојни цветови во голем спектар на бои.
Има околу 3000 различни видови на сардела, а по начинот на кој растат може да се поделат во две основни групи:
-видови кои растат вертикално, како грмушки. Имаат кадифени листови, специфичен мирис, а може да пораснат до 90cm.
-видови кои висат или ползат. Имаат мазни листови кои потсетуваат на бршлен.
При одгледувањето на сардели треба да се води сметка да имаат доволно светлина и да се посадени во земја со добро пропустливост. Посадете ги во хумусна земја која е растресита за да не ја задржува водата. Помеѓу две залевања оставете ја земјата малку да се исуши (пипнете ја, и кога ќе почувствувате дека е сува 1 cm од површината тогаш залејте ја). Не ги оросувајте листовите.Во периодот на интензивен раст (април – септември) прихранувајте ги два пати месечно со вода во која сте додале течно ѓубриво за растенија кои цветаат.
За да имаат убав грмушкаст облик треба да ги кратите врвовите на младите гранчиња. Редовно отстранувајте ги овенатите цветови за да се продолжи времето на цветање.
Се размножуваат едноставно со резници, од јуни до август. Одберете гранче од 7- 10cm, одрежете го со рамен остар рез под коленцето, отстранете ги сите листови освен двете ливчиња на врвот, и забодете го во земја. Ставете го на светло место без директно сонце и редовно залевајте го. По две седмици веќе е закоренето и може да го пресадите.
Со доаѓањето на ниските температури, ако сакате да ги сочувате треба да ги сместите на сигурно место без мраз. Скратете ги отприлика на 20cm, отстранете ги овенатите и оштетени листови и цветовите, и залевајте ги многу ретко, еднаш месечно. Ако ги ставите во просторија во која нема воопшто светлина, тогаш земјата треба да биде сосема сува, а во текот на зимата не ги залевајте.
Ако немате доволно простор за да складирате многу саксии и жардиниери, тогаш што е можно подоцна во есен земете резници, закоренете ги, и чувајте ги на температура од околу 7°С. Ретко залевајте ги. Во пролет преместете ги на топло место и почнете повеќе да ги залевате, пресадете ги, и кога ќе бидат добри условите изнесете ги на отворено.