Трговците и откупувачите не ја почитуваат законската обврска парите за откупениот род на земјоделците да им ги уплатат на трансакциска сметка.
За нив с` уште важи плаќањето на рака иако од неодамна со измени на Законот за земјоделството и руралниот развој ова строго се забранува. Во Министерството за земјоделство велат дека кај нив никој од фармерите не пријавил дека родот с` уште им се плаќа на рака. Земјоделците, пак, имаат различни ставови. За некои плаќањето на рака е добро бидејќи се плашат дека трговците нема да им го платат земеното на жиро-сметка. За други, пак, плаќањето на рака е уцена од страна на трговците, кои на ваков начин им ја намалуваат цената.
Без финансиска контрола
– Житото, кое веќе се жнее од велешките полиња, во мал дел се откупува. Чекаме подобра цена од постојната – 10 денари за килограм. Трговците што откупуваат даваат пари на рака, односно свесно ја избегнуваат законската обврска да се регистрира платниот промет. Ни плаќаат на рака, а житото го предаваат тие на кои им итно им требаат пари. Нема жиро-сметка, нема трансакциска – вели земјоделец од селото Мамутчево.
Во Владата велат дека исплатата на парите мора да биде легална, преку трансакциска сметка, бидејќи само така државата ќе им застане на патот на големите суми што беа во оптек, без финансиска контрола. Експертите велат дека на ваков начин ќе се стави ред во овој дел од платниот промет, кој досега се одвиваше на црно бидејќи прекупците не плаќаа ништо кон државата и прометот беше надвор од контролата на банките.
– Kако регистрирани земјоделци, отсега парите треба да ги добиваме преку трансакциска сметка. Тоа е добро бидејќи на ваков начин ги задолжува и досегашни прекупци да се регистрираат и да отворат сметка. Се бара плаќањето да биде легално и нека биде така, немаме ништо против тоа. Но мора гласно да кажеме дека не се согласуваме со исплатата зашто државата дозволува рокот на плаќање да биде шест месеци, тоа е долг период – вели Никола Димитров, земјоделец од Градско.
Оваа новина преку средби, собири им била најавена и промовирана. Но откако ги дознале сите информации за текот на постапката, се јавиле првите нејаснотии и проблеми за земјоделците што не им даваат мирен сон.
– Kој е тој што ќе плати уште денес или утре ако му се два рок од шест месеци. Сите ќе го чекаат крајниот рок. А како јас да преживеам дотогаш, да купам репроматеријал за новата реколта, дома да го хранам и да го одгледувам семејството, да ги плаќам давачите за струја, вода, нафта, ѓубре, да одам во продавница да купам јадење – вели Ѓорги Николов од велешко Башино Село. Земјоделците потсетуваат на многубројните случаи со лозарите, кои чекаат со години да биде платено грозјето, кое тие уредно го предале и на познати реномирани фирми, а пари не добиле.
Законска одредба
Во Министерството за земјоделство велат дека согласно Законот за земјоделството, рокот на плаќање за откупот на земјоделските производи е еден месец, но по договор помеѓу двете страни, тој може да биде и подолг, но не повеќе од шест месеци.
– Оваа законска одредба подразбира имање задолжителен договор со обврски за доставување на производите, откупот и условите на плаќање согласно одредбите пропишани во законот. Со регулирање на областа на откупот и поттикнување на договорното производство, државата има поставено сериозни правни основи во поддршка за постигнување посигурен облигаторен однос меѓу земјоделецот и откупувачот во насока на поголема заштита на правата на примарните производители, кои често беа предмет на злоупотреба – велат во Министерството.
Оттаму објаснуваат дека вака во голема мера ќе се подобри извесноста на пазарните субјекти и сигурноста на откупот, додека сите останати аспекти од почитување на тоа што е договорено останува да бидат регулирани преку постојната регулатива во државата која ги уредува облигационите односи помеѓу деловните субјекти.
За сигурен откуп – нотарски договор
Познавачите на финансиското работење објаснуваат дека постои можност земјоделците да се осигурат во овие случаи, при откупот на родот. Потребно било со купувачот да склучат нотарски договор, со кој тоа лице ќе остави банкарска гаранција за вредноста што ќе ја откупи или, пак, договор со клаузула, со кој ако плаќањето не се реализира во рокот, преку извршител се одзема од сметката на купувачот. Овие договори, во зависност од вредноста на договорот, би чинеле од две до осум илјади денари, кои би требало да паднат на трошок на купувачот.
Извор: dnevnik.mk