Млекарите од лабораторијата во Битола очекуваат брзи, навремени и релевантни резултати, според кои ќе се одредуваат и квалитетот и цената на млекото.
Млекопроизводителите за кратко време ќе бараат нови повисоки откупни цени од млекарниците. Нивната реакција доаѓа по отварањето на новата лабораторија за испитување на мелко во Битола, од која очекуваат брзи, навремени и објективни резултати. Според нив, досега мострите за испитување млеко биле земани на примитивен начин, без специјално возило, а резултатите ги добивале и по еден месец од денот на земање на примероците. Во Агенцијата за храна и ветеринарство потврдуваат дека лабораторијата има современа опрема и од неа очекуваат да ја олесни работата на скопската, која досега ги работеше анализите. Млекарите обвинуваат дека досега иако секој месец плаќале одредена сума за анализа, досегашните резултати што ги добивале не биле во согласност со реалната слика на теренот.
– Јас не верував во тие резултати зашто мострите од суровото млеко се земаа примитивно. Млекарниците не обезбедуваа специјално возило за таа намена, мострите не се земаа од кај фармерите во стерилни шишиња кои се неопходни за микробиолошка анализа, ниту пак за таа намена имаше посебни комори. Иако плаќам месечно по 500 денари за анализи во млекарница, не бев задоволен од резултатите што доаѓаа – вели фармерот Драги Нечовски од Битолско.
Фармерите велат дека врз основа на резултатите добиени од испитувањата во Скопје за квалитетот на млекото, млекарниците им го плаќале млекото. Тие се жалат дека разликата во откупната цена кај оние фармери што имаат современа опрема и кај оние што не вложувале во модернизација на производството била многу мала. Едните добивале 18, а другите 20 денари.
– Доколку сакавме да се направи дополнително испитување, надвор од предвиденото, или да се испрати само мостра од млекото на еден сточар, тоа беше невозможно. На млекарниците не им се исплаќаше да испратат една мостра на анализа во лабораторијата во Скопје – вели Веле Митковски, сточар од Битолско.
Од новоотворената лабораторија за испитување на квалитетот на млекото во Битола велат дека ќе обезбедат специјални возила и професионална екипа која на терен ќе ги зема мострите од млекото.
– Јас сум долгогодишен ветеринар и во разговорите со сточарите дојдов до заклучок дека повеќето од нив се од Битола, а единствената лабораторија за испитување на квалитетот е во Скопје. Таа е преоптоварена и тешко дека може да ги задоволи сите потреби, а законски фармерите се обврзани двапати месечно да испитуваат мостри од млекото – вели Владимир Димовски сопственик на лабораторијата.
Тој објаснува дека резултатите од анализираното млеко во оваа лабораторија ќе се добиваат за еден ден, а освен млекарниците, ќе ги добиваат и лично фармерите.
Во Агенцијата за храна потврдуваат дека млекарите се законски обврзани да прават анализи за млекото што го произведуваат.
– Точно е дека досега само скопската лабораторија правеше анализи. Но тоа не значи дека тие не беа релевантни. Што се однесува до законската обврска, таа стои како таква и мора да се направи од страна на сточарите – вели Дејан Рунтевски, директор на Агенцијата.
Извори на „Дневник“ велат дека во иднина се очекува ваква лабораторија да биде отворена и во Штип бидејќи и таму има многу млекопроизводители.
Според Националната програма за развој на земјоделството, во иднина квалитетот на млекото ќе влијае врз висината на субвенциите во сточарството, па затоа значајно е во земјава да има повеќе лаборатории и што поквалитетни анализи.
Да се врати довербата
Надлежните се надеваат дека со новоотворените лаборатории ќе се врати довербата кај сточарите и ќе се зголеми производството на млеко во државава. Официјалните бројки говорат дека Македонија годишно троши околу 40 милиони долари за увоз на млеко, а
извезува едвај за 10 милиони. Само во последните две години вкупниот извоз на млеко и на млечни производи е намален за 18 отсто, а увозот е рапидно зголемен. Во исто време потрошувачката на млеко на жител е 180 литри годишно, што е многу помалку од светското ниво. Според податоците од Министерството за земјоделство, во последните три години државата издвоила вкупно 18,5 милиони евра за субвенционирање на производителите на млеко. Во 2008 година за кравјо, овчо и козјо млеко биле издвоени 8,4 милиони евра, во 2009 година само за кравјо млеко се исплатиле 4,8 милиони евра, а лани 5,3 милиони евра.
Слично како во регионот
Просечната цена на откупното млеко во ЕУ сега е 35 центи (околу 21 денар) за литар. Во Србија и Хрватска највисоката откупна цена на млекото во моментов е 32,5 центи за литар. Ова е млеко што ги исполнува највисоките европски стандарди, односно содржи 4,2 проценти млечни масти и 3,4 проценти суров протеин.
Валентина Ангеловска Жанета Здравковска
Извор: http://dnevnik.mk/?ItemID=CCAAEB50E38EA44CA481A34DA4B7E381