Цените на храната на меѓународните пазари во април растат последователно веќе трет месец, објави Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО).
Индексот на цените, што го определува ФАО, а ги мери месечните промени на цената на потрошувачката кошница на прехранбените производи, вклучувајќи ги житарките, маслото, млечните производи, месо и шеќер, во април изнесувал 215,5 поени, што е 1% повеќе во однос на ревидираните 213,2 поени, колку што беше во март. Големиот раст на цената на млекото беше главна причина за ова поскапување, додека цената на месото се зголеми минимално. Другите стоки имаа пад на цените, објави ФАО.
Проценката на Организацијата е дека глобалното производство на житарки годинава ќе се зголеми за 6% во однос на 2012 година, но останува прашањето дали зголеменото производство ќе ги намали цените. Се зависи од временските услови и побарувачката во идните неколку месеци.
– Прогнозата за житарките и натаму зависи од милоста и немилоста на мајката-природа – изјави економистот Абдолреза Абасијан од ФАО.
Се очекува дека производството во САД ќе го предводи годинешниот раст, затоа што производителите на пченка се подготвуваат оваа година да засадат најголеми површини од 1936 година наваму.
Насадите на пченица во Европа и во Црноморскиот регион треба да придонесат за зголемено производство на оваа култура, а производителите во Индија и Индонезија за зголемување на производството на ориз за 10 милиони тони.
-Се проценува дека светското производство на житарки во 2012 година изнесувало 2,306 милијарди тони, што е околу 4 милиони тони помалку од претходната прогноза објавени минатиот месец. На крајот на оваа година глобалните залихи на житарките ќе изнесуваат околу 505 милиони тони, што е пет милиони тони повеќе од порано предвиденото – објави ФАО.
Повисоките цени на храната не влијаат на забавувањето на светската економија, но останува фактот дека последиците ќе ги почувствуваат потрошувачите, особено оние во сиромашните и во земјите во развој. Реално, помалите приходи во домаќинствата, а високите цени на храната можат да бидат опасен “фитиљ” за социјални немири. Затоа и економистите од водечките финансиски организации им советуваат на земјоделците да се обидат да ги модернизираат приносите, а владите да развиваат систем на социјална сигурност, со која најсиромашните ќе се заштитат од глад, во случај цените нагло да се зголемат.
Извор: vecer.com.mk