Почетна / Вести Македонија / Плаќаме и за воздухот во лебот

Плаќаме и за воздухот во лебот

Во текот на март и на април при контролата на стотина пекарници утврдени се недоследности кај 58 производители на леб, велат во Агенцијата за храна.

Црн леб од 300 за цена од 400 грама или бел леб од 400 за цена од 450 грама. Kифла за 20 денари со тежина едвај од 50 грама на која стои дека може да отстапува од тежината за цели пет отсто. Ова се случува кај некои пекари и производители на леб, кои наместо да ја покачат цената за одредена сума, ја намалуваат тежината на производите и на тој начин ги мамат граѓаните. Во Организацијата на потрошувачи на Македонија (ОПМ) велат дека поплаките на граѓаните за тежината на лебот и на белите печива е секојдневна. Од таму предупредуваат дека и покрај новиот правилник за означување, кај нас секој си прави што сака. И во Пазарниот инспекторат со сличен одговор. Иако казнуваат, продолжува политиката за измама на граѓаните од страна на производителите на леб. Во Агенцијата за храна велат дека при последните спроведени инспекциски контроли во текот на март и на април на стотина пекарници во државава, констатирани се недоследности кај 58 производители на леб.

– Лебот и белите печива задолжително мора да бидат означени согласно со Правилникот за означување на производите, односно при спроведената контрола од страна на инспекциските служби она што е назначено на декларацијата мора да соодветствува со производот. Ова се однесува и на тежината, со цел потрошувачот да ги добие сите потребни податоци за конкретниот производ, односно да не се доведе во заблуда и да не биде измамен од страна на производителот – велат во Агенцијата.

Од таму објаснуваат дека пакувањето и означувањето на лебот и на белите печива не е задолжително тогаш кога истите производителот ги продава во објектот каде што ги подготвува.

– Обврската за означување е задолжителна тогаш кога лебот и белите печива се наменети за дистрибуција, односно за продажба во други објекти – објаснуваат во Агенцијата.

Во Организацијата на потрошувачи велат дека од неодамна е донесен нов начин на обележување на количеството на производите, но кај нас воопшто не се почитува.

– Има правилник за означување на пекарските производи, особено на лебот и точно се знае колку она што е спакувано може да отстапува од декларацијата. Но, и означувањето е катастрофално. Проблем е што никој кај нас не го почитува правилникот и може да се случи на половина килограм да има отстапувања од педесетина грама. Потрошувачите веќе знаат каде може да се жалат, и во Агенцијата за храна и кај Пазарниот инспекторат има секојдневни јавувања – вели Маријана Лончар, претседател на ОПМ.

Поранешната директорка на Пазарниот инспекторат, Елизабета Чингаровска, вели дека кај нив е направено истражување и утврдено е дека има отстапувања.

– Поплаки имаше секојдневно, посебно од пензионерите што си правеле приватни мерења. И на терен се потврди дека има отстапувања од декларациите на лебот и прекршување на правилниците. Агенцијата за храна е надлежна за храната и контролите од нивна страна се секојдневни – вели Чингаровска.

Граѓаните што вчера ги контактиравме велат дека многу често се случува да се продаваат векни леб што тежат и помалку од 300 грама.

– Kупувам леб од познат маркет за 18 денари. Точно е дека е уредно спакуван, но на хартијата воопшто нема декларација ниту, пак, колку треба да тежи истиот. Kупувам и траен леб на парчиња. На него пишува дека треба да има 350 грама, а кога го измерив дома на дигитална вага, се утврди дека има само 300 грама и тоа заедно со амбалажата – вели Горан Николовски од Скопје.

Овој пример не мора да биде апсолутна вистина, ниту, пак, да покаже дека сите производители на леб мамат, но за да се зацврсти довербата на граѓаните, потребни се поредовни и потранспарентни контроли.

Kазна од 500 евра во Бугарија

Дека Македонија не е единствена земја во која се мамат граѓаните, покажува и примерот од бугарскиот град Сандански кога производител на леб платил 500 евра казна зошто пуштил во продажба леб што не одговарал на декларацијата.

Иако на неа пишувало дека лебот треба да тежи 700 грама, кога инспекторите ги измериле векните, утврдиле дека пет од нив тежат од 612 до 669 грама. Според нивните стандарди, отстапувањата можеле да бидат само 30 грама, односно не помалку од 670.

Извор:dnevnik.mk

Check Also

Qélianet започнува да работи во Македонија

Интегрален текст од тим информатичари од Охрид. Известувањето Ви го пренесуваме во целост. Почитувани, Ви …