Поради опаднатото ниво на Вардар, пцовисале многу пастрмки, бидејќи јатата што не отпливале низводно завршиле кај рибокрадците, кои со раце полнеле торби со риби, тврдат од „Баш Вардар“
Помор на рибниот фонд е направен во Вардар во Гостиварско, каде што речното корито е речиси без вода. Спортските риболовци се револтирани од односот на институциите, кои дозволиле нивото да опадне и да го загрози живиот свет во водата. Поради недостиг од вода пцовисале повеќе илјади парчиња поточна пастрмка бидејќи јатата риби кои не отпливале низводно, завршиле во рацете на рибокрадци. Рибочуварите тврдат дека рибокрадци со раце полнеле торби со риби. Од Спортското риболовно здружение „Баш Вардар“, концесионер на риболовните ревири во Гостиварско, за проблемот алармирале пред неколку недели, но нивните обиди да ја спречат катастрофата биле неуспешни.
– Состојбата стана алармантна минатата недела, кога Вардар беше како пресушен – појаснува Абдула Сејдини, генерален менаџер на друштвото, кој се обратил до АД ЕЛЕМ („Електрани на Македонија“), компанијата која заради производството на електрична енергија го регулира водостојот на Вардар.
– По течението од Равен до вливот на Лакавичка Река, ни се случуваше еколошка катастрофа. Тоа што го гледавме беше грозоморно. Да биде уште потрагично, нашите обиди да стапиме во контакт со одговорните во хидроцентралите, беа попусти. Никој не ни даваше одговор, кој треба да преземе нешто. Си ја префрлаа одговорноста ЕЛЕМ на МЕПСО, тие на ЕВН. Дури ни одговорните за стопанисување со водните ресурси ги нема – тврди Сејдини.
Од компанијата што управува со хидроцентралите во Гостиварско (Вруток и Равен) ги одбиваат наводите за одговорност. Недостигот од вода е проблем предизвикан од сушата, велат од ЕЛЕМ.
Во врска со намалениот водостој на Вардар од службата за информирање на оваа компанија велат:
– Ние целосно ги почитуваме одредбите за обезбедување основен биолошки минимум вода во Вардар. Водостојот редовно се следи и ниту еднаш не сме отстапиле. Треба да се земат предвид условите што владееја ова лето, особено хидролошката состојба која беше неповолна при што дотоците се намалени за 20 до 25 отсто. Во ниеден случај компанијата не придонела за ниското ниво на вода – се наведува во одговорот од ЕЛЕМ.
Надоместок за штетите што настанале од поморот и од нелегалниот улов на риби, концесионерот „Баш Вардар“ ќе ги бара по судски пат.
Ако се погледне диспечерскиот извештај на МЕПСО за потрошувачката и производство на електрична енергија за септември, забележително е дека хидроцентралите работат со преполовен капацитет. Односно, ако според билансот било планирано тие да произведат 74 гигават-часа електрична енергија, минатиот месец нивното производство било помало од 42 гигават-часа. Тоа е драстично намалување во однос на август, кога имаа произведено 119 гигават-часа, а и од претходните месеци кога било околу 100 гигават-часа. Првиот човек на ЕЛЕМ, Влатко Чинговски, неодамна изјави дека поради сушата и намалените дотоци, се штедат водите од хидропотенцијалите за следните месеци бидејќи вообичаено тогаш електричната енергија има повисока цена на берзите. Вкупното производство на ЕЛЕМ во глобала е помало од претходните месеци што, како што велат во компанијата, се должи, покрај на помалата работа на хидропотенцијалите, и на најавениот ремонт на третиот блок на РЕK „Битола“, што ќе трае до крајот на октомври.
Од овие причини веројатно во август и септември имавме и поголем увоз на струја, при што во август се увезоа 189, односно 229 гигават-часа електрична енергија во септември. Потрошувачката на струја, пак, и натаму е помала од планираното, а и од онаа во минатата година. Па така, ако во август биле потребни 614 гигават-часа, во септември таа бројка се намалила на 580 гигават-часа, што кажува дека стопанството работи со половичен капацитет, а помала е потрошувачката и на помалите фирми и на граѓаните. Во целина, од почетокот на годината потребите од струја се за 300 гигават-часа помали од планираното, односно за 200 од она што било потрошено минатата година.
Зоран Г. Маџоски, Зденка Павковиќ
Извор: http://dnevnik.mk/?ItemID=FBEB0E9448D9F34883E4B34731C76B19