Почетна / Вести Македонија / Пасишта ќе се даваат под концесија само со јавен оглас

Пасишта ќе се даваат под концесија само со јавен оглас

Пасиштата ќе се даваат под закуп на јавен оглас кој ќе го распише Јавното претпријатие за пасишта.

Право на учество на огласот ќе имаат домашни физички и правни лица и странски правни лица, кои треба да бидат регистрирани во единствен регистар на земјоделски стопанства и да располагаат со добиток. Странските правни лица имаат право да учествуваат на јавен оглас доколку имаат регистрирано подружници во Македонија.

Ова го предвидуваат последните измени и дополнувања на Законот за пасишта. Според новото законско решение доставено до Собранието, постапката за издавање на користење на пасиштата во државна сопственост ја спроведува Комисија формирана од Владата, а право на учество на јавниот оглас немаат правни и физички лица кои ги немаат платено јавните давачки и кои ги немаат подмирено обврските по основ на претходно склучени договори за користење на пасишта во државна сопственост.

Според објаснувањето од предлагачот, Министерството за земјоделство, со овие измени ќе се создаде правна основа за објавување и спроведување на јавни огласи за давање на користење на пасишта во државна сопственост, со што ќе се надминат постоечките пречки во применливоста, ќе придонесе за зголемување на бројот на склучени договори за користење на пасишта во државна сопственост како и поголема наплата на надоместокот за користење на пасишта.
– Со овие измени и дополнувања на Законот за пасишта ќе се овозможи регулирање на правото на користење на пасиштата во државна сопственост, а кои не се дадени на користење на корисниците на пасиштата и кои досега го немаат регулирано правото на користење на истите – велат од Министерството за земјоделство.

При давањето на користење на пасиштата во државна сопственост ќе се има поголема транспарентност, при што Комисијата за спроведување на јавен оглас ќе биде составена од страна на Владата, а во неа ќе членуваат стручни претставници на надлежните органи на државната управа.

Извор: vecer.com.mk

Check Also

Qélianet започнува да работи во Македонија

Интегрален текст од тим информатичари од Охрид. Известувањето Ви го пренесуваме во целост. Почитувани, Ви …