Почетна / Вести Македонија / Пари од ИПАРД и за рибниците

Пари од ИПАРД и за рибниците

Ова досега им беше оневозможено и на фармерите и на сопствениците на рибници поради сложеноста на постапките.

 

Сопствениците на рибници и земјоделците што прават дупки за вода ќе може да ги користат парите од ИПАРД со измените на Законот за водите. Во исто време ќе се олеснат и постапките за стекнување со водокорисничко право за земјоделците. Ова до сега им беше оневозможено и на фармерите и на сопствениците на рибници поради сложеноста на постапките предвидени со Законот за водите. Со предложените измени се предвидува можност сопствениците и корисниците на земјоделско земјиште да може да користат вода за наводнување без набавување дозвола во случај кога земјиштето не е опфатено со систем за наводнување и кога потребните количества вода не надминуваат еден литар во секунда. Kај рибниците со законот се предвидува олеснување на постапките за користење вода за одгледување риби и водни птици. Таму нема повеќе да се спроведува концесиска постапка, туку водното право ќе се остварува со дозвола за користење вода.

– Ова беше и барање на рибопроизводителите за кои сега, освен Законот за водите, се применуваат и одредбите од Законот за рибарство и аквакултура каде што се предвидени закуп и користење земјоделско земјиште и изградба и легализација на бесправно изградени објекти за примарна обработка на земјоделски производи, во кои влегуваат градбите наменети за одгледување риби и добиток – вели министерот за животна средина Абдулаќим Адеми.

Со законот во делот на заштита од штетно дејство на водите се врши допрецизирање и подобрување на постапката за добивање дозвола за вадењето песок, чакал и камен од коритата и бреговите на водотеците, езерата и акумулациите заради подобрување на режимот на водите, со цел дефинирање на надлежностите и воспоставување контрола над вршењето на оваа дејност, со цел да се отстранат можностите за злоупотреба.

Заменик-министерот Kоњановски посочува дека измените се направени по контактите со земјоделците на терен што имале проблем кога треба да се соочат и да побараат дозвола за отпочнување постапка за правење бунар и за користење на подземните води.

– Постапката беше макотрпна, ги чинеше и финансиски земјоделците и во најголемиот дел од случаите тие се откажуваа поради сложеноста, а со тоа и од можноста за користење на средствата од ИПАРД-програмата – вели Kоњановски.

Не можеа да набават и системи и капка по капка затоа што не можеа да го регулираат правото, односно дозволата да добијат вода од подземните води.

– Сега за пумпни системи што ќе ги направат земјоделците до еден литар во секунда нема да има потреба од дозвола. Доволно е само да има доказ дека во регионот каде што земјоделецот тоа го бара не постои систем за наводнување или е нефункционален и да добие и соодветна дозвола од Управата за да може да премине кон ископ, односно правењето бунар или ставањето систем за наводнување – појасни Kоњановски.

Од средбите со рибопроизводителите, односно оние што имаат рибници, тој посочи дека произлегла потребата да се регулира начинот како корисниците да ја добијат водата до своите рибници.

– Досега дозволата се даваше врз основа на концесиска постапка, а тоа чинеше време, труд, средства и несигурност дали тие ќе ја добијат водата на веќе постојните изградени рибници или дали ќе добијат вода на земјиштето, што претходно со договор го склучиле со Министерството – вели Kоњановски. Според официјалните податоци, во последните пет години имало голем пораст во производството на слатководна риба во земјава.

Валентина Ангеловска

Извор: http://dnevnik.mk/?ItemID=C921911FA5339448A7FE0E9307014330

Check Also

Qélianet започнува да работи во Македонија

Интегрален текст од тим информатичари од Охрид. Известувањето Ви го пренесуваме во целост. Почитувани, Ви …