Поплавени се околу 40 отсто од површините, најмногу во атарите на селата Уларци, Чешиново, Мојанци, Теранци и покрај Брегалница и, ако нема нови врнежи, сеидбата ќе доцни петнаесетина дена.
Годинашната сеидба на оризот во Kочанско и во соседните општини каде што успева културата ќе почне со значително задоцнување и ќе се одвива во вонредни околности поради големата влага во почвата и поплавените површини, на кои се одгледува житната култура. Традиционално, во првата половина на април се ораа и подготвуваа површините за сеидба, која почнуваше околу 20 април. Подготвителните работи сега воопшто не се почнати бидејќи речиси половината од површините е поплавена. Оризиштата се полни со вода како да се штотуку посеани.
– Вакво нешто одамна немало. Околу 40 отсто од површините на кои треба да се сее оризот се под вода. Најмногу поплавени површини има во атарите на селата Уларци, Чешиново, Мојанци, Теранци, покрај Брегалница и нејзините притоки. Поради големата влага, тешко влегува механизација и на другите површини. Ако нема пообилни дождови во наредниот период, сеидбата веројатно ќе почне околу 10 мај, односно со 15-дневно задоцнување. Ќе треба да се сее многу брзо и да се крстиме летово да има добро време за да се ублажат последиците од доцнењето – вели Александар Донев, претседател на Kластерот за ориз.
Сите хидроакумулации во источниот регион се полни до врв, а некои се и на преливно ниво. Во најголемата, Kалиманци се акумулирани 120 милиони кубни метри вода, колкав што е капацитетот на езерото. Толку вода во полињата во регионот немало речиси две децении.
– Од хидросистемот годинава ќе се наводнуваат околу 8.000 хектари, од кои 4.200 под ориз, чија сеидба, поради поплавените површини, ќе доцни. Вода ќе има доволно, зашто акумулациите се полни – информираат од регионалното „Водостопанство Брегалница“.
Лани под ориз имаше 4.800 хектари, а колку ќе бидат посеани годинава, ќе зависи од временските услови во следните две-три недели. Оризопроизводителите имаа голем проблем и со последната жетва, поради незапамтениот низок рандман, односно произведениот бел ориз од оризовата арпа, кој наместо нормалните околу 50 отсто, изнесуваше само 35 проценти.
Се проценува дека рандманот на земјоделците им голтнал околу три милиони евра од последната жетва. Поради нискиот рандман е нарушен соодносот на цената на арпата и на белиот ориз, кој секогаш бил приближно еден спрема два. Сега во откупните претпријатија оризопшроизводителите за килограм ориз добиваат од 37 до 40, а за килограм арпа од 13 до 15 денари.
Извор: dnevnik.mk