За третман на проблеми со органите за варење една мала лажичка жалфија се прелива со 200 мл зовриена вода, а за смирување на воспалено грло и уста две лажички жалфија се прелеваат со 250 мл зовриена вода.
Ваквите совети од 1 јануари во Македонија повеќе не ќе смеат да се стојат на амбалажата во која се продаваат лековитите билки и чаеви. Истото се однесува и на вообичаените совети за дејството на познатите билки нане и камилица. Билкарите и трговците ќе смеат да го истакнат само името на билката, а здравственото тврдење за што таа помага ќе им биде одобрено само ако приложат научни истражувања за лековитоста. Ваквите измени се прават заради усогласување со регулативата на ЕУ, а Хрватска како нова членка веќе од 1 октомври ја забранува и продажбата на дел од овие растенија.
Kантарион, бршлен, гавез, глог, валеријана, даб, пелин…. се само дел од лековитите билки што Хрватите не ќе смеат да ги купуваат на пазарите и во продавниците. Поради усогласување со законите на ЕУ, производителите и трговците од рафтовите ќе треба да повлечат голем дел од асортиманот. Kај некои билкари тоа ќе биде дури и 30 отсто од понудата, а според хрватските медиуми, на листата со забранети билки се и листот од орев, подбелот, преслицата, магарешкиот трн и уште многу други растенија, кои со векови успешно се користат во народната медицина.
И во Хрватска на амбалажата на билките чија продажба ќе биде дозволена, не че смее да биде наведено никакво здравствено тврдење за нивното дејство. Секое здравствено тврдење прво треба да биде разгледано од посебна европска комисија. Но, проблемот е, како што истакнуваат хрватските медиуми, што долг период комисијата не дала виза за ниедно вакво тврдење.
Се празнат рафтовите во Хрватска
Билките што во новиот правилник не се посочени како допуштени ќе може да се појават на хрватскиот пазар само со „нотификациски број“ од Министерството за здравство, кој се добива со поднесени документи и хемиски анализи.
Новите правила ја поделија тамошната јавност. Главната забелешка е дека Хрватска не морала да следи с~ што налага ЕУ, бидејќи иако членките се должни да го почитуваат европскиот правилник за додатоците во исхраната, сепак секоја земја самата ја одредува својата листа со дозволени и забранети билки.
Kако ќе биде по Нова година?
Од Агенцијата за храна и ветеринарство во РМ велат дека со новите построги правила за нутритивните и здравствени тврдења во означување, презентирање и рекламирање на храната ќе се расчисти со „паушалните тврдења“ со кои граѓаните се доведуваат во заблуда.
Правилата ќе важат за сите домашни и увезени производи што ќе се пласираат на македонскиот пазар. Одредбите не се применуваат за производи што се во рефус или ринфузна состојба и свежо овошје и зеленчук и леб. За да се одобри какво било здравствено тврдење барателот треба да достави клиничка студија.
– Досега беше регулирано само означувањето на прехранбените производи и давањето на задолжителните информации за производителот, нутритивниот состав и рокот на употреба. Сега здравствените тврдења ќе подлежат на проверка и одобрување од Агенцијата за храна и ветеринарство. Тоа е релативно нова материја и во ЕУ, чија примена почна во 2008 година и на која активно се работи преку формирањето Регистар на одобрени здравствени тврдења во ЕУ – велат во Агенцијата.
До 1 јануари 2014 година, операторите со храна, маркетинг-агенциите, медиумите и сите други ќе треба да го приспособат своето работење, бидејќи новиот правилник не се однесува само на означувањето на производите во делот на нутритивни и здравствени тврдења во комерцијални цели, туку и на сите материјали за промоција на одреден производ.
– Kако извозно ориентирана компанија чии производи се извезуваат во 30 земји, „Виталија“ веќе неколку години комплетно ја практикува европската регулатива за декларирање на производите. Затоа сме комплетно запознаени со барањата за начинот на презентирање на здравствените тврдења. Македонската регулатива е во фаза на хармонизација со европската и јасно беше дека тие промени набрзо ќе почнат да се аплицираат и кај нас. Здравствените бенефити на нашите производи ги презентираме на нашата веб-страница, официјалниот фејсбук-профил, преку лифлети и едукативни текстови во печатените медиуми. На тој начин консументите се информираат и знаат точно кој производ да го изберат од широката палета на производи – изјавуваат од „Виталија“, компанија за здрава храна.
Соња Kазиовска
ИЛЧО ЗАХАРИЕВ
Без хербалните лекови, човештвото немаше да постои
Европските директиви се апсурдни, контроверзни и не се во интерес на пациентите, дециден е Илчо Захариев, кој во два мандата беше директор на Бирото за лекови, а важи за еден од најдобрите познавачи на лековитите растенија кај нас.
– Да не беа хербалните лекови, човештвото немаше ни да постои. Нивната лековитост е докажана преку употребата повеќе од 2.500 години и не ~ требаат никакви нови потврди. Уште повеќе што кај европската бирократија само за еден потпис се чека со недели и месеци. За среќа, во оваа сфера Македонија е неколку чекори понапред од Европа. Добро е разграничено што е додаток на исхрана, што е хербален лек, а што традиционален лек. За да се регистрираат, потребна е минимална документација, се плаќа минимално за дозволата, која има неограничено важење – вели Захариев.
Kако индикативен податок тој ни посочи дека Европската агенција за лекови за регистрација на еден лек наплаќа по 300.000 евра. Kај нас лек се регистрира за 1.000 евра, а регистрацијата на хербален лек ги чини билкарите 200 евра.
Извор: dnevnik.mk