Почетна / Вести Македонија / Наместо откупувачи, на лебното жито се навртеа глувци

Наместо откупувачи, на лебното жито се навртеа глувци

Жетвата е при крај, но очигледно цената им е висока на откупувачите, па ги нема, се жалат земјоделците од пелагониските села.

 

Додека соседните држави се соочуваат со недостиг на лебно зрно поради поплавите, амбарите во Пелагонија тежат од жито. Годинава е една од ретките кога полињата дадоа рекордни приноси по три тони од хектар. Складиштата стануваат претесни, па жито се чува и во дворовите каде што, поради несоодветните услови, може да му се намали квалитетот. Ако не се јават купувачи, дел од родот ќе го изедат глодачите, предупредуваат земјоделците. 

– Жетвата е при крај, а за чудо не дошле претставници од откупните компании или трговци да се интересираат за родот. Годинава имам 35 тони жито. Лани го откупија албански трговци по 9 денари за килограм, но плаќаа веднаш без одбитоци. Годинава во преговорите меѓу земјоделците, мелничарите и министерството се договори цена по квалитет, дури и до 13 денари. Очигледно таа им е висока на откупувачите, па ги нема. Ако остане да лежи житото, ќе го јадат глувците. Се накотија, колку зајаци се големи – вели Злате Ламовски, производител на пченица од пелагониското село Гермијан. 

Според последните преговори, препорачаната откупна цена на пченицата под 72 хектолитри тежина треба да биде 10 денари, а највисоката цена е 13 денари за над 78 хектолитри. 

– Сите сме во паника, чекаме. Свртив на неколку мобилни телефони на откупувачи со кои контактирам, јави се кај едниот – вели десет денари, јави се кај другиот – исто. Добро е да гледаат на хектолитарска тежина. Житото ќе се откупи, но треба да седи во амбари, гаражи и да чекаме. Потоа доаѓа до уцени со цената, ако сакаш да го земеме, толку ќе ти платиме и слично – вели Драги Стефановски, земјоделец од Гермијан. 

Според него, ситуацијата со откупот на лебното зрно не е добра во последните пет-шест години откако во државата пропаднале големите компании кои претходно го откупувале прво домашното жито. Малите откупувачи денес, вели тој, набавуваат жито од Србија, Грција, а понекогаш и од Аргентина и од Австралија, па намален е интересот за откуп на домашната пченица. 

– Веќе нема класичен откуп. Последните пет-шест години нема компанија која вели дека откупува, па да го носиме житото во нејзините силоси. Ете, годинава не прашал никој за родот. И трговците немаат поминато – додава Стефановски. 

Сепак, земјоделците имаат надеж дека мелничарите ќе пројават интерес за домашното жито зашто Србија, земјата од каде што до лани се увезуваа дури 40 проценти од потребните количини пченица во земјава, годинава нема да им род за извоз. Поплавите уништија добар дел од житните полиња во Панонија, а лебното зрно го погоди и болест наречена жолта ’рѓа. Според српските експерти, годинава ќе имаат жито само за да ги покријат домашните потреби. 

Некои од мелничарите во земјава велат дека не тактизираат со цената, туку уште ги трошат резервите од жито. Посочуваат дека по завршувањето на жетвата, ќе започнат и со откуп на домашното жито. Но, некои од нив велат дека не започнале со откуп од новата реколта.

Извор: dnevnik.mk

Check Also

Qélianet започнува да работи во Македонија

Интегрален текст од тим информатичари од Охрид. Известувањето Ви го пренесуваме во целост. Почитувани, Ви …