Додека во развиените земји сите го чекаат летото за да заработат некоја пара повеќе, тоа не е случај и во Македонија. Кај нас, иако има голема стапка на невработеност, посебно кај младите, има недостаток од сезонски работници. Овој проблем е драстично изразен во конзервната индустрија.
Ангажирањето на сезонски работници за време на летниот период, посебно во земјоделството во високоразвиените земји секоја година зема се поголеми размери. Сите го чекаат летото за да заработат некоја пара повеќе. Но, тоа не е случај и во Македонија. Кај нас, иако има голема стапка на невработеност, посебно кај младите, има недостаток од сезонски работници. Овој проблем е драстично изразен во конзервната индустрија.
Според податоците од Македонската асоцијација на преработувачи (МАП), на пазарот има недостаток на работна рака за сезонски активности во период на максимално производство. Според податоците на асоцијацијата, конзервната индустрија вработува 3.364 сезонски работници, а 1.108 се постојано вработени. Повеќето сезонски работници се од руралните области и се искусни во работењето со земјоделски производи.
– Голем проблем се сезонските работници. На младите не им се работи. Нам, конкретно ни треба во моментов машка работна сила, објавивме неколку огласи и едвај се јавија неколку лица – вели Тина Карадакоска, менаџер на конзервната компанија Маби-Трејд” од Гевгелија.
Таа објаснува дека законски мора секој вработен да го пријават и осигурат уште првиот ден, кога се уште се на обука за производствениот процес, но многу од нив не можат да се вклопат и се откажуваат по два -три дена, од што голема штета имаат компаниите.
– Бараме ако може барем првите пет дена да не мора да бидат пријавени, додека трае обуката, во случај ако решат да се откажат, да не се соочиме ние со казни – потенцира Карадакоска.
Таа објаснува дека ова е голем проблем и целата конзервна индустрија трпи големи штети секоја година, бидејќи тоа влијае на целиот производствен процес. Според податоците од МАП сезонската работна сила е од особена важност за преработувачите.
– Индустријата не бара високо ниво на вештини или знаење од сезонските работници. Повеќето производни фази не бараат специјализирани подготовки и обука, освен основни упатства во врска со нето-тежината на финалните производи, идентификување и ракување со шкартот, одлагање на отпадот, а работодавачите најчесто ангажираат сезонски работници од руралните средини, бидејќи тие се искусни во ракувањето со земјоделски производи – велат од МАП.
Според истражувањето, бројот на ангажирани сезонски работници од индустријата е малку зголемен од 3.312 во 2010 година на 3.353 во 2011. и 3.364 во 2012 година, или раст од 3%, главно поради зголемената продуктивност во производството и правните пречки поврзани со ангажирање на сезонска работна сила. Најголем дел од сезонските работници ги ангажираат малите претпријатија.
Просечна плата на сезонците е 55 денари на час
Сезонските работници во индустријата за овошје и зеленчук во просек биле платени по 55 денари за еден час работа, покажува истражување на МАП. Нето-цената по работен час во 2012 година се движела од 40 до 70 денари. Еден сезонски работник обично заработувал просечна нето-месечна плата од 10 до 12 илјади денари. Оваа сума и натаму е под националниот просек, но е поповолна отколку во другите трудоинтензивни индустрии, стои во извештајот. Индустријата која е извозно ориентирана, во 2012 имала 43 активни преработувачки капацитети, а доминантна стопанска дејност е преработка на зеленчук. ЕУ и Србија се главни извозни дестинации.
Законски измени за полесно вработување на сезонски работници
На иницијатива на МАП на почетокот на годината беа донесени измени на Законот за работни односи со цел за поголема флексибилност на вработувањето на сезонските работници. Со законските измени е овозможено ангажирање на лица-приматели на социјална помош без притоа да го изгубат правото на социјална помош како резултат на остварениот приход од вршењето сезонска работа. Понатаму, според законските измени, примателот на социјална помош своето право ќе може да го продолжи на денот на завршување на ангажманот како сезонски работник. На работодавачите им е е овозможен систем за кратко и јасно пријавување на работниците во рок од еден ден. Покрај овие олеснувања поставени се и одредени заштити во системот, така што предмет на ангажирање на сезонските работници останува да биде договорот за работен однос, лицето кое ќе биде ангажирано како сезонски работник ќе мора да поседува лична карта и исто така нема да се дозволува групно склучување на договор. Законските измени даваат можност за засновање на работен однос на сезонски работник без јавен оглас во период до 90 дена. Утврден е и временскиот период на траење на пробна работа во рок од три дена, а се утврдува и отказен рок во траење од 7 работни дена за сезонска работа.
Берба на вишни во Делчевско
Неколку стотици сезонски работници од повеќе места во Македонија ги берат вишните во Делчевско. Покрај плантажите имаат подигнато импровизирани кампови со цел порационално искористување на времето за собирање на родот. За набрана гајба од 10 килограми заработуваат 40 денари. Зависно од вештината и брзината, работниците дневно берат по десетина гајби, но има и такви кои достигнуваат 20 до 25 гајби вишни.
– Родот годинава е богат и квалитетен. Само од површините на комбинатот Рудинее очекуваме да собереме над илјада тони, а ги преземаме и понудените количества од нашите кооперанти – вели менаџерот Димитар Марковски.
Набраните вишни од плантажите со трактори и шлепери се транспортираат во ладилникот во Делчево, каде се врши селекција, примарна обработка и смрзнување. Најголемиот дел од годинашниот род вишни од Пијанечко-малешевскиот регион ќе бидат извезени, а помал дел во домашните капацитети ќе се преработат во компоти и сокови.
Извор: vecer.com.mk