Почетна / Вести Македонија / На Македонија и треба млеко од екстра класа

На Македонија и треба млеко од екстра класа

Подобрување на квалитетот на млекото и зголемување на производството во земјава може да се постигне само преку поголемо субвенционирање на млекото од екстра класа, оценуваат од СКМ.

Македонското преработено млеко е квалитетно и ги задоволува европските стандарди, но суровото млеко се уште не е на потребното ниво, за што е неопходна итна едукација на фармерите и подобрување на хигиенската практика. Подобрување на квалитетот на млекото и зголемување на производството во земјава може да се постигне само преку поголемо субвенционирање на млекото од екстра класа, нагласи Васко Ристовски од Стопанската комора на Македонија.

Ристовски укажа дека поддршката на млекото годинава и следната година изнесува 3,5 денари за литар предадено млеко во преработувачките капацитети, а од следната години, па се 2017, во согласност со измените, субвенционирањето ќе биде исклучиво според квалитет.
– Субвенциите за екстра квалитетно млеко ќе бидат 4 денари по литар, 3,5 денари за прва и 2,5 денари за втора класа во 2014 година, 4 денари за екстра класа, 3,5 за прва и два денара за втора класа во 2015, како и 4 денари за екстра, 3 за прва и 1,5 за втора класа во 2016 и 2017 година – објасни Ристовски. Тој потенцираше дека Комората ја поздравува владината проекција за субвенционирање на млекото по квалитет која е дефинирана во новата, петгодишна програма за поддршка на земјоделството и руралниот развој.

Тој потсети дека за овие измени комората апелирала подолго време, бидејќи само така ќе може да се зголемат производството и квалитетот на млекото на ниво кое што било актуелно во 2004 и 2005 година кога имало и поголем откуп. Според него истовремено македонските фармери ќе бидат стимулирани да ги достигнат стандардите на ЕУ, но и да аплицираат за европските пари.
Како недостаток на овој сектор, укажува Ристовски, и натаму остануваат скапата добиточна храна, немањето современи услови на одгледување на стоката, а треба да се подобри и расниот состав. Причина за тоа е што се уште преовладуваат малите, традиционални фарми со по максимум едно до три нископродуктивни крави.
– Само еден процент од фармите имаат повеќе од 50 грла и може да бидат носители на производството на квалитетен генетски материјал за останатите капацитети – велат од комората. Нивните анализи покажуваат дека земјава и натаму е нето увозник на млеко и млечни производи, главно од Словенија, Германија, Хрватска, Србија, Црна Гора, БиХ, Чешка, Бугарија, Грција, Франција. Исто така, голема е разликата меѓу увозот и извозот – 37.000 тони наспроти 11.000 тони, а евидентиран е и тренд на опаѓање на вкупното млекопроизводство.

Ако се анализираат извезените и увезените количини на млеко и млечни производи по години се забележува тренд на опаѓање на извозот во 2011 година кога достигнал 3.727 тони во однос на 2008 година кога тој бил 19.425 тони, што значи има намалување од 61%.

(В.Ма.)


Извор: http://vecer.com.mk/?ItemID=6263959BD79D9F4181D4A1207568B359

 

Check Also

Qélianet започнува да работи во Македонија

Интегрален текст од тим информатичари од Охрид. Известувањето Ви го пренесуваме во целост. Почитувани, Ви …