Почетна / Вести Свет / Мора да се обезбеди храна за сите луѓе во светот

Мора да се обезбеди храна за сите луѓе во светот

Земјоделското производство треба значително да се зголеми, со нето просечни годишни инвестиции од барем 83 милијарди долари во земјоделството на земјите во развој.

 

Зголемување на земјоделското производство, искоренувањето на сиромаштијата, мерки против недоволната исхрана на милиони луѓе особено во земјите во развој и инвестирањето во одржливо земјоделство и рурален развој се само дел од заклучоците на петтиот самит на министри за земјоделство кој се одржа во Берлин. Министрите на самитот биле едногласни дека мора да се задоволи побарувачката на храна од страна на 9 милијарди луѓе во 2050 година и дека земјоделското производство треба значително да се зголеми, со нето просечни годишни инвестиции во земјоделството на земјите во развој во износ од барем 83 милијарди долари, согласно процените на ФАО. Во исто време оддадено е признание на заложбите направени од страна на многу земји во развој, особено во Африка, за зголемување на финансиската поддршка за земјоделскиот сектор во нивните буџети и напредокот кој е постигнат до сега.

– Со цел да се зголеми земјоделското производство и приходите, треба да се потенцира потребата за зголемување на одговорни јавни и приватни инвестиции, одржливо земјоделство, вклучувајќи интензивирање, рурален развој, управување со земјиштето и водите и руралната инфраструктура, земјоделски синџири на вредности и урбано-руралните врски. Во исто време треба да се обезбеди соодветен транспорт и капацитети за складирање на земјоделските производи, ефикасна биосигурност и ветеринарни и фитосанитарни контроли, развој на човечки ресурси, истражување, генерирање иновации и технологии од страна на јавни универзитети и истражувачки институции, вклучувајќи трансфер на знаење и искуства помеѓу земјите. Исто така, за добар развој на земјоделството мора да има ефикасни и оперативни служби за земјоделскиот сектор, како на пример ветеринарни услуги, одгледување на семе со најдобар квалитет за одредени региони, заштита на генетски ресурси, разноликост на културите и слично – стои во Декларацијата. На самитот повторно се потврди фактот дека глобалното затоплување како и урбанизацијата на земјоделското земјиште негативно влијаат врз производството на основни прехранбени производи, особено во земјите во развој.

– Имајќи предвид дека обезбедувањето доволно храна и руралниот развој се прашања за социјална стабилност и национална безбедност, треба повторно да се потврди суверенитетот и одговорноста на земјите да усвојат прогресивни економски политики кои водат кон одржлив, сеопфатен и рамноправен економски раст и одржлив развој, особено во земјоделството и да се развијат стратегии за справување со кризата со храна. Со тие стратегии треба да се намали сиромаштијата и во центарот да се стави позитивната улога и легитимните интереси на младите и малите земјоделци, жените кои се занимаваат со земјоделството, како и локалните заедници во земјите во развој – стои во Декларацијата.

Министрите едногласно упатиле повик до инвеститорите да ги земат во предвид бизнис-моделите кои ги вклучуваат земјоделците, особено малите земјоделци, во синџирите на вредности. Во исто време тие од нив бараат да вршат праведна и вистинска економска активност преку транспарентни пазари, да ја почитуваат легитимноста на мажите и на жените во правото на закуп и легитимноста на сите важечки закони, да дејствуваат со должно внимание за да се избегне кршење на човековите права и да се обезбедат начини на нивно почитување.

Валентина Ангеловска

Извор: dnevnik.mk

Check Also

Маслиновото масло ќе поскапи за 30-40 отсто

Екстремна суша со месеци ја погодува Шпанија, додека на италијанските плантажи со маслинки се појавија …