Почетна / Вести Свет / Месото со афлатоксини поопаснo од млекото

Месото со афлатоксини поопаснo од млекото

Јајцата, црниот дроб, бубрезите, и месото што го јадеме се многу поопасни за здравјето на луѓето отколку млекото, ако во нив има зголемено присуство на афлатоксин, велат во Институтот за процена на ризик во исхраната во Берлин.

Според нивните експерти, ако животното е хрането со пченка што содржи афлатоксини, голема е веројатноста неговата концентрација да е неколкупати поголема во внатрешните органи на животното, отколку во млекото што се излачува. Во Агенцијата за храна велат дека засега не треба да стравуваме бидејќи кај нас не се увезуваат внатрешни органи од Србија. Од таму велат дека лани направиле 125 испитувања на увезени внатрешни органи од домашни кланици и никаде немало повисока концентрација на афлатоксини. Одговор за тоа што с` се испитува кај нас и во која храна се проверуваат отровните материи побаравме и од Факултетот за ветеринарна медицина во Скопје, но и по десетина повици до деканот на факултетот, Дине Митров, одговор не добивме.

Опасноста за здравјето на луѓето е многу поголема ако се знае дека афлатоксинот може да го има и во голем број други намирници, во житата, семињата, зачините и во јаткастото овошје. Освен во пченката, може да го има и во кикиритки, ф’стаци, грав, индиски орев, црн бибер, суво овошје, нерафинирани растителни масла. Целата внесена концентрација завршува во црниот дроб.

Дека храната наместо здравје носи болест, деновиве наголемо пишуваат и српските медиуми. Според нив, последиците за здравјето на човекот се многу поголеми ако се јаде месо и дропчиња од добиток хранет со пченка што содржи афлатоксин, отколку ако се пие млеко со повисока концентрација на оваа канцерогена материја..

– Ако нивото на афлатоксин кај кравите е зголемен во млекото, тој е двојно поголем во месото, а, пред с`, во внатрешните органи на товеникот – изјавил Јирген Тиер-Kунтке, портпарол на Институтот за процена на ризикот во храната од Берлин.

Според него, а врз основа на испитувања правени во Германија, афлатоксинот од загадената пченка што се користела како добиточна храна за свињи и живина, не се таложи само во млекото, туку и во месото и во внатрешните органи на животното, особено во свинскиот, говедскиот и пилешкиот џигер. Не помалку го има и во бубрезите, јајцата и во органите за варење како чкембе и црева.

Во Агенцијата за храна велат дека нашите граѓани не треба да стравуваат бидејќи не сме увезувале внатрешни органи од Србија.

– Не увезуваме ниту пилешки ниту говедски џигер од Србија, па нема потреба од паника. Нема ниту во домашното производство. Исто така одговорно тврдам дека во месото нема афлатоксини и тоа е безбедно за консумација – вели Дејан Рунтевски, директор на Агенцијата.

Според нутриционистите, треба многу да се внимава при внесувањето храна. Особено е опасно ако се искомбинираат неколку состојки што имаат повисока концентрација афлатоксин.

– Факт е дека храната н` убива. С` почесто се случува да се појават алергии кај деца и трудници како резултат на комбинации на храна. Точно е дека најголем дел од неа се контролира, но не треба да се заборави дека во производството таа се третира и со пестициди и со хербициди, кои завршуваат во неа. Многу често се случува комбинација од две материи да биде фатална за здравјето на луѓето – вели нутриционистката Тања Турунџиева.

Според неа, на опасност најмногу се изложени малите деца. Kај возрасните, пак, најмногу страда црниот дроб, кој е филтер на организмот од токсичните материи. Светските нутриционисти, велат дека интензивната исхрана со дропчиња од животни загадена со контаминирана пченка може да предизвика карцином на бубрези и цироза на црниот дроб, а може да предизвика и оштетување на генетската комбинација кај човекот, кое дирекно ќе влијае на здравјето на потомците.

Валентина Ангеловска

Јадеме безбедно

Во Агенцијата за храна и ветеринарство, која е одговорна за квалитетот на храната, сепак уверуваат дека јадеме безбедна храна. Според нив, процентот на небезбедна храна во Македонија е преполовен, од 5,3 отсто во 2008 година на 2,4 отсто во 2011 година. Уверуваат дека има доволен број лаборатории кои се акредитирани за вршење голем број испитувања, вклучително и на храната.

Извор: dnevnik.mk

http://dnevnik.mk/?ItemID=24F4E2026F386245AE126DD675D2F16D

Check Also

Маслиновото масло ќе поскапи за 30-40 отсто

Екстремна суша со месеци ја погодува Шпанија, додека на италијанските плантажи со маслинки се појавија …