Почетна / Вести Македонија / Македонските млинови под клуч!

Македонските млинови под клуч!

Мелничарите бараат од Владата годинава да не воведува условен откуп на пченица додека трае жетвата, но и да има поголема контрола на увозното брашно.

Опстанокот на македонските мелничари сериозно е загрозен, бидејќи тие трпат огромни загуби настанати заради ценовниот диспаритет меѓу домашното и увезеното брашно. Од 41 млин најголемиот број од нив се со клуч на врата, затоа тие бараат од Владата годинава да не се воведува мерката за условен откуп на пченица додека трае жетвата, да има слободен увоз оти тогаш берзанската цена е најниска. За да се заштитат домашните мелничари минатата година како резултат на зголемениот увоз на брашно за првите шест месеци, Владата на РМ донесе посебна мерка за заштита на пазарот со пченица и брашно, со врзување на увозот на пченица и брашно со откуп на домашна пченица.

Дополнителен проблем за мелничарскиот сектор се контролите на граничните премини, кои дозволиле увоз на брашно со сомнителен квалитет. Како што објасни Васко Ристовски од Стопанската комора на Македонија за да има рентабилно производство, пченицата треба да има берзанската цена, оти во спротивно се јавува брашно по дампинг цена, но и брашно кое е лошо декларирано.
-Има брашно во земјава кое е декларирано како тип 400, а не одговара ни на тип 500, брашно кое е декларирано на тип 500, а не одговара на тип 850, затоа мелничарите бараат строги контроли и анализи за присуство на одредени материи. Од нивна страна се бара и поголема контрола на декларирано брашно – укажува Ристовски.

Мелничарите побарале од Владата годинава да има слободен увоз на пченица, бидејќи ако практично има забрана во периодот на жетвата, тогаш ќе имаме скапа домашна пченица која е и понеквалитетна.
-Мелничарите исто така предупредија дека има увоз на мали количини на брашно на црно, од Србија тоа не одговара на декларацијата, а од Косово и Босна влегува брашно без никакви ознаки и не се знае ни кој е производител, ни кој е увозник. Има увоз на брашно за коешто не се ни почнати анализите, а тоа веднаш се пушта во промет, што е спротивно од одредбите од Законот, бидејќи тоа треба да биде под царински надзор да се направат сите анализи, а потоа да се пушта – дополни Ристовски.

Минатата година во Македонија се увезени 120.000 тони пченица, што е 40 отсто повеќе во однос на 2011, како и 45.000 тони брашно, што е исто повеќе од два пати. Во магацините моментно има 30.000 тони пченица откупени по просечна цена од 15,06 денари, што за мелничарите е нерентабилно за производство на брашно
-Преработувачите сметаат дека за надминување на состојбата е неопходно да се засилат контролите на квалитетот при увозот на брашно и да се воведат маркички за евидентирање и подобрување на пазарот со брашно – вели Ристовски и додава дека од 131 трговец, 81 е увозник на брашно.

На прашањето дали јадеме и брашно со афлатоксин, Ристовски нагласи дека се работи за пченица, а не за пченка или за млеко.
-Ако имало нешто такво Агенцијата за храна сигурно ќе информирала, бидејќи кога беше актуелен случајот со 200 тони брашно со олово тие веднаш беа повлечени-дополни Ристовски.
Во Македонија пченицата се жнее на 92.000 ха, а со просечен принос од 2,5 тона по хектар се произведуваат околу 236.000 тони пченица. Годишните потреби за земјава се 300.000 тони пченица или 210.000 тони брашно.

(В.Ма.)

Извор: vecer.com.mk

Check Also

Qélianet започнува да работи во Македонија

Интегрален текст од тим информатичари од Охрид. Известувањето Ви го пренесуваме во целост. Почитувани, Ви …