Почетна / Вести Македонија / Македонија има здрава почва, здрав добиток, здрава храна и здрави луѓе

Македонија има здрава почва, здрав добиток, здрава храна и здрави луѓе

Случајот со зголемената концентрација на пестициди во корнишоните извезени во Хрватска, нема негативно да се одрази врз извозот, само ќе се зголеми мониторингот на македонските земјоделски производи кои се пласираат на странските пазари, вели во интервју за “Вечер” директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, Дејан Рунтевски. За да се зголеми безбедноста на храната директорот најавува нови законски измени со кои ќе се затегне казнената политика и наместо досегашните едукативни санкции ќе се оди на зголемување на прекршочните казни за производителите на храна кои не ги почитуваат правилата.

По скандалот со појавата на пестициди во корнишоните во Хрватска и грозјето во Франција, граѓаните се почесто си го поставуваат прашањето колку е безбедна храната која ја јадеме. Како Агенцијата за храна гарантира за безбедноста на храната?
Рунтевски: Агенцијата за храна и ветеринарство редовно ги спроведува своите активности предвидени во Законот со цел да обезбеди заштита на здравјето на потрошувачите и да обезбеди луѓето во Македонија да јадат безбедна храна и таа обврска Агенцијата за завршува ефикасно. Меѓутоа, мораме да бидеме свесни дека одвреме-навреме ќе се појавуваат проблеми, бидејќи контрола на 100% од храната во секој момент, не постои никаде во светот и никој не може тоа да го контролира во таков обем. Некогаш инцидентите ќе бидат предизвикани од намера на некоја компанија да оствари профит, некогаш ќе се работи за немарност, некогаш во текот на транспортот или чувањето се случиле работи со кои се влошила состојбата на производот итн. Нормално е да се очекува дека ќе се јавуваат вакви инциденти. Впрочем, последните случаи покажуваат дека на пример и во Германија, која има софистициран систем за контрола на безбедноста на храната се јавуваат пропусти и афери. Тоа е доказ дека целата оваа проблематика е сложена и комплексна. Затоа службите се тука за да превенираат да не доаѓа до вакви случувања, од една страна, а доколку нешто вакво и се случи, тогаш да се извлече поука, да се адаптира системот на безбедност на храна за да се спречат ваквите работи. Јас одговорно тврдам дека граѓаните на Македонија јадат безбедна храна.

Со оглед на тоа што од година во година Македонија станува се поконкурентен извозник на зеленчук и овошје, колку ваквите информации може да го нарушат имиџот на македонските прехранбени производи?
Рунтевски: Не би требало да се поведеме од поединечни случаи, бидејќи доколку ја анализираме целокупната количина на земјоделски производи кои Македонија ги пласира на странските пазари, последните два случаја во однос на количината и вредноста се навистина занемарливи и не би требало да се создава слика дека целото наше земјоделско производство има проблем. Меѓутоа, факт е дека ваквите случаи оставаат трага врз имиџот на нашите земјоделските производи. Посебно, ЕУ има развиен систем за систем за брзо предупредување за безбедна храна, каде што секоја небезбедна пратка која е детектирана останува евидентирана во системот и може да се случи да следните пратки од истата земја и од истиот производ подлежат на задолжително мострирање на граничните премини и дозвола за пуштање во промет откако ќе стигнат позитивните резултати. Ова ќе биде лошо за земјоделските производи бидејќи имаат краток рок на траење и може да предизвика дополнителни трошоци кај извозниците. Да се надеваме дека вакви случаи на неодговорно однесување на операторите нема да се повторуваат во иднина и дека ќе успееме да докажеме дека овие случаи се инцидентни и не ја претставуваат реалната слика на земјоделството во Македонија.

Каде е направена грешката со пестицидите. Дали кај компанијата-извозник или пропуст во системот. Кои се механизмите за оваа грешка да се не повтори?
Рунтевски: Ако зборуваме за последниот случај, грешката најпрвин и во основа е направена кај операторот со храна, која понатаму се развива во поголем проблем. Грешката на операторот е бидејќи не користел соодветен пестицид за таа намена и што е уште пострашно, не водел сметка за карактеристиките на пестицидот. Пестицидот е одобрен, но има задолжителна каренца која мора да се почитува. Ако каренцата е 20 дена, вие не можете да го наберете и да го пласирате производот пред истекот на тој период. Понатаму, грешката е во системот каде контролата на продажбата и употребата на пестициди се уште не е на она високо ниво на кое треба да биде. Меѓутоа, тоа брзо ќе се промени бидејќи Министерството за земјоделство (во чија надлежност е оваа контрола), има поднесено предлог-закон за фитофармацевтски производи каде во детали се регулираат овие прашања. Тука, пред се, е најважна контролата на продажбата на пестициди. Сега, секој кој сака може да влезе во земјоделска аптека, без разлика дали има земја и дали произведува земјоделски производи и да купи секакви пестициди. Со измените на Законот се предвидува целосно нова постапка во која ќе се води евиденција за секое лице кое ќе купи средства за заштита, ќе треба да докаже дека има земја и да докаже за какво производство ќе го користи, за да може понатаму да се врши контролата од страна на земјоделскиот инспекторат. Исто така, секој производител ќе треба да има вработено агроном кој ќе се грижи за правилна употреба на заштитните средства, што не беше случај кај операторот со корнишоните. Ќе постои и обврска за задолжителна евиденција на користењето на пестициди, што е најкруцијално.

Она што е наша надлежност во овој дел е мониторингот на безбедноста на храна (кој опфаќа повеќе сегменти, меѓу другото и присуството на пестициди), но тој се прави во прометот, односно на пазарот. Но, тоа е повеќе би рекол лекување на последиците, бидејќи производот веќе е во промет. Поентата на овој сегмент е затегање на контролата во примарното земјоделско производство, односно отстранување на причините за појава на проблем.

Агенцијата за храна доби позитивни забелешки во последниот извештај на Европската комисија за напредокот на Македонија. Кои се следните активности коишто Агенцијата ги има во својата агенда во делот на подобрување на безбедноста на храната?
Рунтевски: Агенцијата за храна четврта година по ред добива одлични забелешки за напредокот кој го има постигнато во делот на безбедноста на храната и ветеринарната политика. Има нормално и забелешки, но ние се обидуваме да ги решиме, при што во секој нареден извештај тие забелешки од страна на Европската унија се третираат како завршени. Во делот на усогласувањето на легислативата, ова поглавје на ветеринарна, фитосанитарна политика и безбедност на храна е најкомплексното поле, бидејќи тука секојдневно се случуваат промени. Ние во изминатите неколку години имаме донесено повеќе од 200 подзаконски акти, да не ги спомнувам измените коишто сме ги правеле на веќе донесените акти. Најголемата слабост ја имаме во имплементацијата на актите, бидејќи работите се менуваат многу брзо и понекогаш дури не стигнуваме соодветно да ги известиме нашите инспектори и да извршиме обука за тоа што се се предвидува со овие правилници. Но и тоа ќе се промени сега, бидејќи работиме на оформување на еден континуиран систем за вршење на тренинг и обуки за инспекторите, каде ќе се држат обуки за сите новини во легислативата.

Она на што работиме во последно време и што ќе почне да се применува следната година се измени во Законот за безбедност на храна, со кои ќе се промени казнената и прекршочната политика. Со Законот донесен во 2010 година, во многу сегменти се предвидуваа санкции базирани на принципот на едукација на компаниите, а потоа казна. Но, се увиде дека ваквата прекршочна политика можеби влијае негативно во примената на законот од страна на операторите. Многу од постојните одредби коишто го предвидуваа инструментот на едукација ќе бидат укинати бидејќи помина долго време и операторите се запознаени со обврските кои ги имаат. Елементот на едукација веќе е контраефективен и ќе се оди на посериозно санкционирање на производителите.

Голема дискусија, посебно на социјалните мрежи, предизвика правилникот со кој се регулираше прометот на ГМО во Македонија, што всушност значат измените и зошто се дигна толку голема прашина на оваа тема?
Рунтевски: Се дигна голема прашина за ГМО на социјалните мрежи и по мое лично мислење и како став на Агенцијата за храна и ветеринарство, непотребно дојде до сето ова. Она што беше иницијална каписла за дискусија на социјалните мрежи е правилникот за начин, постапка и услови на регистрирање и одобрување на ГМО, што всушност е начин како сето тоа да се регулира и да се вметне во системот на контрола. Со тој правилник се предвидуваше било кој оператор со храна кој сака да стави во промет храна со генетски модифицирани организми, мора да побара одобрение од страна на Агенцијата и со тоа барање да поднесе, елаборати студии и докази дека тие ГМО нема да имаат негативни влијанија врз здравјето на луѓето или животните, а Агенцијата имаше рок од шест месеци да се изјасни. Ова беше дополнителен механизам за заштита на луѓето и животните од ГМО, но за жал луѓето на социјалните мрежи не се доволно информирани од суштината на актите и се водат од полемиките и сето тоа доби голема димензија. Затоа, Владата реши се направат измени на Законот за безбедноста на храната и со тоа да се забрани целосно прометот со вакви производи. Измените веќе го поминаа првото читање во Собранието, за две недели би требало официјално да стапи на сила забраната за промет со ГМО, се до влегување на Македонија во ЕУ.

На почетокот на годината изби аферата со афлатоскинот во млекото. Колку оттогаш е зголемена контролата на млекото кое се произведува и увезува во Македонија
Рунтевски: Од една страна можеби е добро што изби аферата и што се дигна целата прашина околу афлатоксините во млекото за некои работи околу контролата да се подигнат на повисоко ниво. Имено, знаете дека афлатоксинот во млекото не спаѓаше во рамките на редовните испитувања при увозот, бидејќи тоа се смета за финална фаза. Афлатоксините во млекото можат да се појават доколку имате афлатоксини во добиточната храна со која се хранат животните. Доколку тој сегмент е регулиран и контролиран, не може да дојде до појава на токсин во млекото. Но, ете се покажа дека во некои држави во одредени моменти затајува системот на контрола, па потребно е да се врати задолжителното испитување. Ние веднаш реагиравме, беше доведено во прашање македонското производство на млеко, не сакавме да биде извалкан имиџот на нашите производители на млеко и тоа се докажа, бидејќи на домашното млеко кое што беше на полиците не беа најдени афлатоксини, или беа далеку под дозволената граница. Како алатка од оваа афера којашто излезе тогаш, ние донесовме решение за задолжително испитување на присуство на афлатоксин на млеко што влегуваше во Македонија. Потоа се ограничивме само на земји од регионот, односно ги исклучивме земјите од ЕУ. Паралелно на тоа беше донесено решение за задолжително испитување на контролата на млеко во млекарниците, најпрвин секојдневно, па сега еднаш неделно, а има предлог еднаш во две недели да се вршат испитувања. Но, ќе повторам, она што е клучно во овој дел е контролата на примарното производство (исто како и кај пестицидите), таму треба да се прават засилени контроли, затоа што таму најчесто се јавуваат најголемите грешки и проблеми.

Извор: vecer.com.mk

Check Also

Qélianet започнува да работи во Македонија

Интегрален текст од тим информатичари од Охрид. Известувањето Ви го пренесуваме во целост. Почитувани, Ви …