Бостанот ќе презрее по нивите зашто нема кој да го купи, се жали Борче Ристевски, еден од најголемите произведувачи на лубеници во битолското село Егри.
Годинава произведе 300 тони лубеници и дињи, а успеа да продаде само мал дел од родот. Вели дека бостан сади од мали нозе, но од година на година откупот станува с` понеизвесен. Така, годинава селото, познато по квалитетни лубеници во Битолско, одвај го посетиле неколкумина трговци и понудиле минимална цена за откуп.
– Цената моментно се движи меѓу два и три денари од килограм. Нема како од годините кога беше 4-5 денари. Трговците ја земаат разликата на цената. Нас ни даваат по два-три денари, а тие килограм продаваат по 10 денари. Kаде е ќарот сега, седум денари каде е разликата? За да не се богатат трговците со нашата пот, ќе се обидеме преку интернет да обезбедиме подобар пласман и реална цена – вели Ристевски.
Се сади со семка, а не со калем
Во спомените му останале убавите времиња кога лубеницата од Егри завршувала на пазарите во Полска, Чешка, Бугарија, Германија. Лубеницата од овој крај е една од највкусните зашто се добива со садење семки, а не со калемење.
– Порано садевме помалку и излегуваа повеќе пари, сега садам многу повеќе, а пари има с` помалку. Kвалитетот е прва класа. Ова е природна, здрава храна, како што бараат во Европа. Природно од семка е садено, а не со калем. Природна лубеница како нашата најмногу може да достигне 20 килограми тежина, од калем и до 40 килограми, но овие се повкусни. Имаат слаба корка, на калемот е дебела и родот има жили – објаснува Ристевски.
Годинава, незавидната ситуација со продажбата на лубениците во ова погранично село не ја подобрија ни Грците, кои порано навраќаа за да купат земјоделски производи во Егри.
– Продажбата е на нула, останаа по нивите и тракторите. Ова не е нешто што трае, ако не ги продадеш ќе скапат. Грци доаѓаа порано, сега купуваат од тезгите по регионалниот пат кон Битола тука не навраќаат зашто селото е оддалечено пет километри од главниот пат. Но, колку и да земат нема да не спаст, овде има тони, шлепери да се товарат – вели Павле Митровски, претседател на месната заедница на Егри.
Богатиот род ја намалува цената
Трговците велат дека лубеницата нема пласман зашто има премногу род.
– Носиме за Струга, Kичево, Гостивар, за Kосово се трудиме да го пробиеме пазарот, но тешко. Готов сум да платам три денари по килограм. Но, годинава нема цена бостанот зашто го има во изобилие – вели трговецот Нуредин Ниредине.
Во Пелагонија се одгледуваат десет проценти од вкупниот род на бостан во земјава. Бостанот е засаден на 520 хектари со вкупно годишно производство од 12.000 тони.
– Во минатото не остануваше лубеница за да го направиме нашиот специјалитет, да ја ставиме во зимница или да ја свариме слатко. Годинава да направиме и слатко за извоз, нема да можеме да го искористиме целиот род – велат жителите на Егри.
Извор: dnevnik.mk