Почетна / Здрава храна / Kупувачот одлучува дали сака производ со ГМО

Kупувачот одлучува дали сака производ со ГМО

Суперјајца што лекуваат дијабетес, јаболка што не потемнуваат, лосос што брзо расте, свињи што се помалку штетни за околината се само дел од генетски модифицираната храна што се произведува во светот.

Надлежните институции велат дека во земјава не може да се купи ништо што содржи ГМО во себе и дека постојните закони што ја регулираат оваа проблематика се исти како и европските. Во законот стои дека ако во составот на некоја храна има над 0,9 отсто ГМО, тоа мора да стои декларирано на самото пакување на храната и дека зависи од потрошувачот дали ќе го купи. Но контроли не се прават, иако во земјава повеќе од шест години постои специјализирана лабораторија за испитување генетски модифицирана храна. Според увозниците, доволно било да им веруваат на декларациите на производителите. Во Агенцијата за храна и ветеринарство, во чија надлежност е контролата на храната, велат дека кај нас не се увезува храна што има ГМО освен некој вид пченка. На прашањето колкаво количество и каде се користи, одговор не добивме.

– Освен пченка што се користи за производство на добиточна храна, во земјава не може да се најде друга храна што има ГМО. Но и таа се користи многу малку. Во земјава има закони кои строго ја контролираат оваа проблематика и речиси се исти како европските. Значи, колку оваа храна е дозволена во ЕУ, толку е и кај нас – вели Дејан Рунтевски, директор на Ветеринарната управа.

Експертите објаснуваат дека користењето на ГМО-храната е во ред, но само ако граѓаните се заштитени и им е даден избор дали ќе користат такви производи или не.

За нив повеќе од веројатно е дека на пазарот има храна со ГМО, посебно кај онаа од животинско потекло што не доаѓа од ЕУ.

Најмногу генетски модифицирани растенија се доматите, сојата, кикиритките, пченката, житото, компирот, оризот и тутунот.

Историјата за ГМО започнува во генетскиот инженеринг врз растенијата во 1977 година. Целта била да се произведе повеќе храна која би се одгледувала и во услови што не се соодветни за одредена култура. Некои од најсилните аргументи тогаш беа намалување на гладот низ светот и намалување на отровите и пестицидите зашто наводно оваа храна е отпорна на штетници и плевели и не ќе мора да се прска со отрови. Тогаш генетичарите со помош на микроорганизмите и други технологии развиле разни генетски модифицирани растенија.

Така, на пример, во генетски модифицирани домати има инкорпорирано гени од рибата лосос, со цел растението да издржи температурни разлики и да се приспособи на студена клима. Според одредени анализи во светот, повеќе од 200 милиони хектари обработливо земјиште се користат за одгледување генетски модифицирани организми (ГМО). Најпопуларна ГМО-житна култура е сојата, потоа следуваат пченката, памукот и маслодајната репка.

Но с` почесто се споменуваат и папајата, компирот, оризот, доматите, тиквичките итн.

Но не се само растенијата генетски модифицирани. Изминатиов период во светот се промовираа суперјајца од кокошка кои создаваат специфична состојка која може да се извлече и да се искористи во борбата против дијабетесот, вирусите и парадентозата. Има понуда на ГМО- јаболка што не потемнуваат откако ќе се исечат. Се нуди и лосос што брзо расте. Со генетски модификации кај него присуството на хормонот на раст е големо и во текот на зимските и ладни денови, што во принцип не е возможно. ГМО-лососот нема да биде поголем од природната големина, но ќе ја достигне за 16 до 18 месеци, додека на обичните лососи им се потребни минимум три години. Екосвињи се ГМО-животни во чиј измет има и до 64 проценти помалку фосфор.

Тумори кај глувци

Глувците што цел живот се хранети со генетски модифицирана пченка на американската биотехнолошка компанија „Монсанто“ или биле изложени на средството против плевел „раундап“ на истиот производител, страдале од тумор и оштетување на повеќе органи – објавија неодамна француски експерти.

Жил Ерик Сералини и колегите од Kаенскиот универзитет тврдат дека лабораториските глувци се хранети со ГМО-пченка НK603 (генетски изменета за да биде отпорна на средството против плевел „раундап“) или пиеле вода „збогатена“ со „раундап“, умирале порано отколку глувците од контролната група, кои се хранети нормално.

Животните на ГМО-исхрана често страдале од тумор на дојка и тешки оштетувања на црниот дроб и на бубрезите.

Меѓу мажјаците, порано отколку вообичаено, пцовисале 50 отсто од животните, а меѓу женките 70 отсто, додека во контролната група тој процент е 30, односно 20 отсто.

Kритичарите на ГМ-посевите истакнуваат дека светот во најмала рака има ограничени информации за нивното долгорочно влијание бидејќи постојат повеќе од 15 години.

Валентина Ангеловска

Извор: http://dnevnik.mk/?ItemID=582556793BE08A46BE3595BD4E5AE68D

Check Also

Дуња – кралица на есенските овошја

Дуњата е овошје кое не случајно ја нарековме кралица на есенските овошја. Дуњите започнуваат да …