Земјоделците кои имаат добиток ќе имаат предност при закуп на државно земјоделско земјиште, а за над 10 хектари државна земја потребна ќе биде и банкарска гаранција. Со последните измени на Законот за земјоделско земјиште, се дава можност и затворите да закупат државна земја за производство на храна.
Земјоделците кои имаат одреден број на грла добиток ќе имаат предност при закуп на закуп на државно земјоделско земјиште. Сите земјоделци кои ќе сакаат да закупат над 10 хектари државна земја, освен бизнис-планот и потребните документи ќе треба да достават и банкарска гаранција не помала од вредноста на закупот.
Со последните измени на Законот за земјоделско земјиште коишто се доставени до Собранието на РМ, се дава можност државно земјоделско земјиште да можат да закупат затворите низ државата со цел производство на храна, а изменети се и условите за закуп на земјоделско земјиште кога договорот престанува да важи во случај на бришење на земјоделецот од земјоделскиот регистар.
Според објаснувањето од Министерството за земјоделство кое е предлагач на измените на Законот, големината на површината која може да се даде под закуп на еден учесник зависи од материјално-техничката опременост на подносителот по еден хектар и број на вработени. Со оглед на тоа дека како апликанти на јавен оглас се јавуваат и сточари кои располагаат со одреден број на добиток и грла, а на кои земјоделското земјиште им е потребно за производство на сточна храна, со измените на Законот се предлага како критериум да се земе и бројот на грла добиток со кој располага понудувачот во моментот на поднесување на понудата.
Покрај ова, со Законот за земјоделско земјиште, уредено е дека договорот за закуп престанува да важи во случај кога правното лице ќе се избрише од трговскиот регистар. Тогаш, за да може таквото правно лице да му го пренесе корисничкото право на друг член на семејството, сега законот овозможува да се склучи нов договор за закуп преку непосредна спогодба под истите услови како во договорот кој престанал да важи. Но, претходно достасаниот неплатен надоместок за закупнина треба да биде подмирен.
Според предложените измени, на огласот кој ќе го објави Министерството за земјоделство, освен основните податоци за земјоделското земјиште коешто се дава под закуп, како што се површина, намена, времетраење на закупот, почетна цена и друго за земјоделски парцели над 10 хектари, потребна ќе биде и банкарска гаранција за учество и за квалитетно и навремено извршување на договорот. Во документите, пак, коишто треба да ги достават лицата кои ќе конкурираат, покрај бизнис-планот тие ќе треба да го напишат и износот на планираната инвестиција. За површина над 10 хектари кон понудата ќе треба да се достави и банкарска гаранција за учество во износ на понудената годишна закупнина.
Банкарската гаранција за учество во постапката треба да биде безусловна, неотповиклива и наплатлива на првиот повик со важност од 120 дена сметано од денот на јавното отворање на понудите по огласот.
Избраниот понудувач, по склучување на договорот, во рок од 15 дена должен е да достави банкарска гаранција за квалитетно и навремено извршување на договорот, која треба да изнесува 5% од планираните инвестиции во понудата на избраниот понудувач, но не помалку од висината на годишната закупнина. Според предложените измени на Законот, таа има важност за целиот период на траење на договорот.
Извор: vecer.com.mk