Почетна / Вести Македонија / Ќе се следи патот на тутунот од семе до цигара

Ќе се следи патот на тутунот од семе до цигара

Тутунот ќе се следи од нива до цигара. Ова е предвидено со усвоените измени на Законот за тутунот со кои се воведува компјутерска евиденција и следење пријавени, евидентирани и договорени површини и количества тутун од производители.

Исто така ќе се следат сите откупувачи, а ќе се води и евиденција за типови тутун за секоја реколта поединечно кај секој производител. Експертите велат дека оваа евиденција е од особена важност поради контрола на тутунските површини, производство и договорите за откуп. Исто така, постојаното следење ќе ја оневозможи досегашната практика на двојни и тројни договори од страна на тутунопроизводителите со откупните фирми, а ќе се избегнат и манипулациите со исплатата на тутунот и исплатата на субвенциите. 

Банкарска гаранција

– Со направените измени се нудат и решенија за заштита на тутунопроизводителите од манипулациите при договарањето на откупот на тутунот со откупните фирми. Истовремено поради брзо и ефикасно решавање на случаите кога во досегашната практика одредени откупувачи не вршеа исплата на тутунопроизводителите според склучените договори за откуп сега ова прашање се решава со воведување инструмент банкарска гаранција – велат во Министерството за земјоделство. За да се воведе подобар ред во самиот откуп, а со тоа да се избегнат во голем обем нерегуларностите што претходните години влијаеја на динамиката на откупот, се воведоа обврски и за двете страни.

По иницијатива од  предвидено е лабораторијата која ќе врши анализа на квалитетот на тутунот и цигарите да доставува извештај за извршената анализа до Државниот инспекторат за земјоделство, а тој во зависност од резултатите во извештајот, да издава уверение за квалитет на обработениот тутун и за квалитет на тутунските производи. 

– Законот е одличен и конечно ќе воведе ред во оваа област. При подготовката се водеше грижа да се заштитат сите засегната страни и откупувачите и самите производители. Нема да се толерира ниту килограм тутун кој е произведен надвор од договорот, а зголемени се и глобите – вели Румен Стаменов – директор на инспекторатот.

Нема откуп ако има долгови

Производителите велат дека со измените се овозможува побрзо и поефикасно регистрирање на фирми кои сакаат да откупуваат тутун, компјутерско евидентирање и следење на целокупното тутунско производство, на договорите и откупот, поефикасна заштита на тутунопроизводителите, ефикасно спроведување на испитот за добивање лиценца за процена на тутун, како и подобрување на контролата на обработениот тутун и тутунските производи. 

– Откупувачот на тутун ќе треба да има простории за откуп, сместување, чување и индустриска обработка на тутун. Исто така, ќе мора да има вработено најмалку едно лице со високо образование и најмалку едно лице со средно образование и да има позитивни показатели за оценка на работењето. За да врши откуп фирмата мора да ги има исплатено сите обврски за откупените количества кои произлегуваат од склучени договори и намирени обврски за претходната реколта – стои во законот.

KАЗНИ ДО 20.000 ЕВРА

Глоба во износ од 15.000 до 20.000 евра во денарска противвредност е предвидена за прекршок на правното лице, ако врши производство на тутун без да склучи договор за производство и откуп со откупувачот, не употребува семенски материјал од откупувачите на тутун обезбеден од регистриран производител на тутунско или ако не е запишан во регистарот на откупувачи. Притоа и одговорното лице во фирмата ќе плати глоба во износ од 2.000 до 3.000 евра во денарска противвредност.

Kазни од 200 до 300 евра во денарска противвредност за прекршок може да заработи физичкото лице ако не го остава спорниот тутун во откупниот пункт и ја попречува работата на комисијата за повторна процена.

Извор: dnevnik.mk

Check Also

Qélianet започнува да работи во Македонија

Интегрален текст од тим информатичари од Охрид. Известувањето Ви го пренесуваме во целост. Почитувани, Ви …