Почетна / Вести Македонија / Израелски ум за македонскиот аграр

Израелски ум за македонскиот аграр

Според израелските експерти кои веќе една година се дел од македонско-израелскиот проект за унапредување на аграрот, за да се подобри квалитетот на свежото овошје и зеленчук неопходно е да се вклучи и бизнис-секторот.

Најголем проблем на македонскиот земјоделски производ е стандардот и квалитетот што треба да се постигне за приближување кон европскиот пазар. За таа цел на фармерите им е неопходна поголема поддршка од државата, едукација и помош од науката за начинот на сортирање, пакување, разладување и третирање на земјоделските производи. Според израелските експерти кои веќе една година се дел од македонско-израелскиот проект за унапредување на македонското земјоделско производство, за да се подобри квалитетот на свежото овошје и зеленчук неопходно е да се вклучи и бизнис-секторот. Тоа ќе го зголеми не само пласманот на домашниот пазар, туку и конкурентноста на странските пазари.
– Слабости има во делот на калибрирањето, сместувањето, разладувањето, пакувањето. За поквалитетни постбербени активности потребен е посеопфатен пристап, а нивните сугестиите се во тој правец – изјави министерот за земјоделство, Љупчо Димовски по средбата со експертите.
Според Елазар Фалик, шеф на Институтот за технологии и чување земјоделски производи Волканоо, кој петти пат доаѓа во земјава, не мора да се почне веднаш со примена на висока технологија.
– Понекогаш ниската технологија е поважна од високата за подобрување на практиките во постбербениот период. Сепак, мора да се почне со нешто – истакна Фалик.

Според него, во Македонија за многу краток период ќе се постигне бараниот висок квалитет на свежите производи
– Секогаш, може да се стори уште повеќе. Дури и во Израел, каде што нивото во овој сегмент е многу високо, има простор да се подобрат постбербените активности – потенцира експертот.
Брет Хиксон од израелското Министерство за земјоделство ја истакна потребата од соработка на сите засегнати страни, а според него, иако Владата има главна улога, но во процесот мора да се вклучи и приватниот сектор.
– Извозот и позиционирањето на македонските производи надвор мора да се постигне, а подобрувањето на квалитетот и стандардизирањето се единствениот начин – потенцира Хиксон.
Македонско-израелскиот проект за унапредување на нашиот аграр трае една година. Фокусот е ставен на произведувањето семе и саден материјал од зеленчукови растенија. Македонија досега во повеќе наврати ја посетија израелски експерти за наводнување, педологија, заштита на растенијата, одгледување оранжерии.

Извор: vecer.com.mk

Check Also

Qélianet започнува да работи во Македонија

Интегрален текст од тим информатичари од Охрид. Известувањето Ви го пренесуваме во целост. Почитувани, Ви …