Министре, како ја оценувате изминатата 2012 година? Може ли да се каже дека беше релативно мирна, без поголеми превирања, протести, штрајкови, блокирање патишта?
Оваа земјоделска година измина без особени непредвидени ситуации. Скоро кај сите земјоделски култури се исполнија очекуваните приноси. Откупот на земјоделските производи, особено на тутунот помина во најдобар ред, со добра цена која тутунопроизводителите преку нивните претставници ја постигнаа со откупувачките компании. Истото се однесува и на градинарските производи, овошјето, откупот на грозјето, житариците …
Врз основа на информациите и нивната аналитичка обработка се обидовме да ги предвидиме состјобите на глобалниот и регионален пазар. Истовремено конјуктурата одеше во прилог на повеќето земјоделски производи карактеристични за Македонија.
Бројот на домашните потрошувачи претставува многу мал пазар во однос на вкупната количина земјоделско производство за кое е потребно да се обезбеди пласман на надворешните пазари, традиционалните, каде што македонските земјоделски производи се добро познати, но и на регионалните пазари, односно новите пазари кон кои ги насочивме активностите за поизразена промоција на нашите потенцијали. Сметам дека во овој правец постигнавме задоволителни резултати, но останува уште многу работа за поагресивно освојување на новите пазари особено во оние држави каде што не се чувствуваат последиците од глобалната економска и должничка криза и каде што стандардот на населението бележи константен пораст. Тоа се пазари кои имаат голема абсорпциска моќ, но и во кои се повеќе се бара квалитет за понудените земјоделски производи. Оттаму, воопшто не треба да не изненадува зголемениот извоз на наши производи на пазарот на Руската Федерација или во Кина. Добар пример за тоа е македонското вино.
Да напоменам дека истовремено се дојде до сознанието за сериозноста од последиците на глобалните климатски промени за што во изминатиот период во повеќе наврати потенциравме, зборувавме како за особено битен проблем за кој треба да се најде решение. Очекувано приносите кај одредени култури или оштетувања на родот беа најизразени кај житарките и грозјето, а последниот пример е и квалитетот на оризовата арпа. Од тие причини во Министерството за земјоделство и Владата се поголемо внимание се посветува на системите за наводнување, нивното репарирање и реконструкција, проширување на каналската мрежа или можноста за градење мали хидро акумулации за задоволување на потребите на земјоделските производители и обезбедување поголем принос на земјоделските култури. Посебни финансиски средства се предвидени во Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој токму за овие цели.
Дали ланската суша беше еден од поголемите проблеми со кои се соочи земјоделството? Колкави беа штетите, какви мерки презема Владата и што успеавте да санирате?
Сушата и недостигот на храна во светот не ја заобиколија и Македонија. Глобален тренд претставува се поголемиот недостиг на врнежи. Климатолозите сушата ја нарекуваат „катастрофа која ползи“ зашто нејзините ефекти не се чувствуваат веднаш. За да се одложи кризата, мора да изградиме нов однос кон водата, за тоа како да ја користиме и како да ја вреднуваме. Министерството преку капиталните инвестиции во водостопанството, националните и ИПАРД програмите, во делот на наводнувањето на посевите обезбедува средства за изградба на мини акумулации и системи за наводнување капка по капка со кои ќе се обезбеди вода за наводнување за време на многу сушните периоди.
Колку субвенции се предвидени годинава и каде ќе биде насочен најголем дел од средствата?
Согласно определбата на Владата за континуиран пораст на средствата издвоени за поддршка на земјоделството и руралниот развој, за следната 2013 година се предвидени дополнително зголемени 135 милиони евра за земјоделците, преработувачите и општо за жителите на руралните средини. Најголем дел од средствата, 115 милиони евра, ќе бидат распределени како директни плаќања за поддршка на приходот на македонските земјоделски стопанства, 60 проценти насочени кон конкурентните и извозно ориентирани земјоделски производи како производството на тутун, зеленчук, овошје, овчарството и козарството, производството на грозје и вино, оризот, органско производство, пчеларство и за воведување на стандарди за квалитет.
Остатокот од средствата за директни плаќања е наменет за поддршка на производството на помалку конкурентните, но значајни основни прехранбени производи за населението во Република Македонија како што се житните култури, кравјото млеко и поголемиот број индустриски производи кои без државна поддршка значително би го намалиле обемот на нивното производство.
За разлика од изминатите години, а според определбите на Националната програма за развој на земјоделството и рурален развој за период 2013-2017 година, следната година значително, дури за три пати во однос на лани ќе биде зголемен износот за поддршка на мерките за рурален развој кој ќе изнесува 20 милиони евра.
Со цел стимулирање на производителите кон постигнување подобри производни резултати и поголем квалитет, дел од веќе поставените мерки на финансиска поддршка се префрлаат во политките на рурален развој со што се постигнува нивно договорно имплементирање и следење на резултатите во период од пет години, додека за поголем дел од директните плаќања се воведува задолжително исполнување на одредени барања поврзани со примена на стандарди и постапки во производство, како услов за нивно добивање.
Изготвена е петгодишна програма за поддршка на земјоделството и руралниот развој проектирана на 700 милиони евра. Во 2017 година, со потрошени толку пари, како го гледате македонскиот аграр? Со повисоки стандарди, поконкурентен на странските пазари?
Следниот програмски петгодишен период од 2013 до 2017 година доаѓа по период во кој се заокружи постепеното воведување сериозни и организирани мерки на државна политика на поддршка на земјоделството и руралниот развој по нивното целосно укинување во средината на деведесетите и паралелното либерализирање на пазарите од почетокот на новиот милениум. Во периодот од 2007 до 2012 година беа повторно поставени основите на земјоделска политика во Република Македонија, од донесување на неопходната правна и стратешка рамка, воспоставување на сите институционалните услови за спроведување на политиките на поддршка, се до нивна реална имплементација.
Финансиска поддршка на земјоделството во изминатите неколку години имаше позитивно влијание на зголемување на обемот на производството кај конкурентните, извозно-ориентираните земјоделски производи со различен интензитет по подсектори, како и на задржување на постојниот обем на производство кај подсекторите со помала конкурентност во однос на странските производи. Заради зајакнување на влијанието, веќе поставените мерки на финансиска поддршка се модифицираат за потаргетирано стимулирање на постигнување подобрени производни резултати, односно зголемен обем на производство и поголем квалитет.
Очекуваните резултати од спроведувањето на мерките на значителната финансиска поддршка планирани за следниот програмски период се пред се зголемување на развојниот потенцијал и конкурентна способност на секторот со позитивно влијание врз приходот на земјоделците и социјалната стабилност на руралното население, особено кај производите со поизразена компаративна предност. Во таа насока, очекуваме натамошно зголемување на обемот на произвоството со паралелен раст на извозот на македонските земјоделски производи на странските пазари. Наша цел е извозот да биде диверсифициран на поголем број нови брзорастечки пазари на кои сега не сме доволно застапени.
Со цел обезбедување одржлив развој на руралните средини, зајакната улога во однос на претходниот период ќе се обезбеди преку поддршка на инвестициите за модернизација на земјоделските стопанства, постигнување стандарди кај преработувачките капацитети и особено подобрување на руралната и маркетинг инфраструктура. Големо внимание ќе се посвети и на рехабилитација и проширување на системите за наводнување. Релативното учество на овие субвенции во вкупните финансиски средства за поддршка на земјоделството и руралниот развој (од национални и ЕУ фондови) ќе се утростручи од 9% во 2012 на најмалку 25% во 2017 година.
Заради надминување на структурните слабости во секторот на малите и фрагментирани парцели, политиките на поддршка во следниот период ќе бидат насочени и кон почнување или интензивирање на проактивните мерки за окрупнување на земјоделскиот аутпут на пазарот, главно преку подобрување на земјишната структура, консолидација на парцелите и формирање кооперативи.
И во следниот период како и досега, покрај редовните мерки на поддршка, заради пресретнување и амортизирање на негативното влијание на светската економска криза и ранливоста на приходите на земјоделските стопанства, мерките на пазарна поддршка ќе се спроведуваат, но согласно проценката за неопходност за нивно воведување само во услови за надминување на пројавените поголеми пазарни нарушувања и обезбедување на стабилност на доходот на земјоделските производители согласно закон.
Согласно долгорочната стратешка цел на нашата земја за рамноправно челнство во ЕУ, планирањето и спроведувањето на политиките на поддршка на земјоделството и руралниот развој останува да бидат во постојана динамика на прилагодување кон Заедничката земјоделска политика на Унијата.
Се поактуелни се климатските промени и нивното влијание врз производството на храна. Македонија, според Светска банка, е едно од поризичните подрачја. Кои сектори ќе бидат на удар и какви мерки препорачуваат експертите за превентивно дејствување и минимизирање на штетите? Колку од нив се прифатливи за нас?
Земјоделското производство е нераскинливо поврзано со надворешните временски влијанија што го прави земјоделството најчувствително на тековните глобални промени на климата од сите други економски сектори. Ризиците од неповолните влијанија од зголемувањето на температурите, промените на врнежите и зголемената зачестеност и сила на екстремните временски непогоди за земјоделскиот сектор стануваат особено чуствително прашање за земја како што е Република Македонија и тоа од два аспекти.
Прво, поради тоа што земјата се наоѓа во зона во која се очекува значителна промената на климата и нејзино влијание на живиот свет, како и поради фактот што земјоделството е клучната економска активност на најголем дел од македонското рурално население. Ова е особено чуствително прашање за поранливите социјални групи во руралните средини поради нивната поголема зависност од земјоделската дејност, релативно помалата способност да се адаптираат на промените и високиот удел на храната во нивните трошоци.
Климатските промени може да имаат негативно влијание на намалување или пролонгирање на очекуваните резултати на почнатата трансформација на македонскиот земјоделски сектор и на усилбите на политиките за подобрување на конкурентноста и обезбедување на позасилен економски раст во рурални области, особено онаму каде се очекува влијанието да биде најголемо.
Анализата на неодамнешните климатски податоци го поткрепуваат трендот на зголемување на температурите во Република Македонија и тоа со забрзно темпо во следниот период. Општиот тренд на затоплување е евидентен во трите анализирани агроеколошки зони: медитеранска, континентална и планинска со просечно зголемување на температурата за околу 1,8 оС во следните 50 години, што е многу повеќе од зголемувањето за 0,2 оС забележано во изминатите 50 години.
Од друга страна, прогнозата за промените на врнежите покажува намалување на национално ниво за околу 8 милиметри месечно.
Предвидувањата за големината на очекуваните промени на температурите и врнежите од аспект на сезонската и зонска дистрибуција се уште поизразени. Зголемувањата на температурата се повисоки, а намалувањата на врнежите се поголеми во јули и август, споредено со постојните услови. Во континенталната зона, зголемувањето на летните температури може да биде дури и 4-5 степени што е повеќе од двојно од просечната годишна промена на температурата. Исто така, прогнозираното намалување на врнежите е најголемо во клучниот период од мај до септември кога постојните врнежи се веќе најниски.
Импликациите на климатските промени врз управувањето со водните ресурси се очекува да бидат сериозни поради истовременото влијание на зголемување на побарувачката на вода за наводнување и на значителното намалување на расположливото количество вода за наводнување. Така, во 2050 години, побарувачката за вода за наводнување во летните месеци ќе се зголеми до 50 %, со истовремено намалување на општата достапност на водата во просек за 30-40 % веќе до деценијата на 2040-те години.
Овие влијанија би можеле да резултираат со недостиг на вода кој ќе се случи во следната деценија и сериозен недостиг на вода во 40-те години на овој век. Зголемувањето на побарувачката на вода за наводнување и намалувањата на расположливата вода ќе предизвикаат веќе постоечкиот недостиг во идните години да стане поизразен најакутно во југозападната медитеранска и континентална зона. Најголемиот недостиг до 2040-те се очекува во сливот на Црна река, нешто помал недостиг во сливот на Пчиња, додека во сливовите на реките Радика, Вардар или Брегалница ова влијание би требало да биде помалку изразено.
Во кое било од разгледуваните сценарија, генералниот тренд е дека повеќе вода е потребна за одржување на постојните приноси. Во услови на повисоки пролетни температури, културите почнуваат да бараат вода во април наместо во мај, побарувачката за вода за наводнување го достигнува врвот во јуни наместо во јули, а многу повисока побарувачка се одржува и во август. Особена потреба за значително зголемување на количествата вода ќе имаат грозјето, јаболката, луцерката и пченицата.
Ефектите на климатските промени врз земјоделските култури во Република Македонија би биле негативни за повеќето ненаводнувани култури во медитеранската и континенталната зона. Намалувањата на ненаводнуваните култури во медитеранската и во континенталната зона се очекува да бидат особено значителни кај јаболката, грозјето и пченката, достигнувајќи дури и 60 процентни намалување кај пченката. Сепак повисоката температура може да се одрази позитивно за сите култури што се одгледуваат во планинската, и за наводнуваните култури во медитеранската и континенталната зона.
Оттука, прилагодување на секторот кон климатските промени и потребата овие напори да бидат содветно поддржани од страна на националните политики се наметнува како еден од хоризонталните принципи во планирањето на следните политики. Стабилното наводнување е еден од клучните фактори за намалување на променливоста на приносите и нивно зголемување во услови на очекувано влијание на климатските промени.
Како одговор на предизвиците од климатските промени, наведените цели ќе бидат дополнети со ублажување на нивното негативно влијание на земјоделското производство, руралните средини и живиот свет.
Целите кои треба да се постигнат во таа насока покрај означајните инфраструктурни вложувања во системите за наводнување, се зголемено осигурување на земјоделско производство од негативните ефекти од природните непогоди и неповолните климатски настани, инвестиции во инфраструктура и опрема за заштита на земјоделско стопанство од природните непогоди, промена на сортите соодветни на идниот климатски режим на новите трендови на температурите и врнежите и обезбедување на ефективна поддршка за земјоделците, подигање на општото образовно ниво на земјоделците за влијанието на климатските промени за подобрување на ефикасноста на користењето на вода и промена на сортите на културите, поттикнување на оптимални агрономски практики за да се подобри управувањето со водата и да се намали ерозијата на почвата и оптимално користење на ѓубриво, обезбедување подобрени временски прогнози и зголемување на капацитетот на хидрометеоролошките институции за обезбедување на дополнителни информации релевантни за одлучувањето на фармерите и зголемување на ефикасноста на користењето на вода на ниво на стопанство.
До каде се активностите за електронското евидентирање на земјоделските површини? Најавено е наскоро да профункционира и електронска агро берза по теркот на земјите од ЕУ?
Како што е планирано во Стратегијата за имплементирање на ЗИС и ИСАК со оперативен план усвоена од Владата во 2008 година, најголем дел од активностите со кои се предвидува воспоставување Интегриран систем за администрација и контрола ИСАК се веќе завршени и повеќето од системите од 2011 година се во функција на имплементирање на програмите за финанисиска поддршка.
Целосно оперативен ИСАК систем за поддршка на администрирање и контрола на мерките на финансиска поддршка, вклучително и со системот за идентификација на земјишните парцели и постигната интероперабилност помеѓу регистрите и базите на податоци на релевантните институции, ќе се постигне од март 2013 година.
Од следната година првпат сите информатички системи и постапки ќе бидат целосно интегрирани со цел што посеопфатна контрола и полесна админстрација на политиките на финансиска поддршка. Ова секако го вклучува и Системот за идентификација на земјишните парцели, кој сега е во напредната фаза на дигитализација на земјишните парцели на секој земјоделец поединечно и кој од март следната година е услов за пријавување на субвенциите.
По влегувањето на Агрокор, може ли да се зборува за евидентни промени во откупот и пласманот на произвоството и преработките? Кога најскоро се очекува влез на други компании во Македонија од оваа дејност?
Да, по влезот на Агрокор се поставија нови стандарди во однос на пакувањето на земјоделските производи, нивното калибрирање, начинот на чување, начинот на прибирање и слично. Агрокор стана модел за тоа како треба да се работи со свежите земјоделски производи. Државата преку Министерството за транспорт и врски објавува огласи за откупно дистрибутивни центри во сите делови од државата, со што се дава можност за изградба на повеке вакви центри. Тоа ќе значи можност за правилно пакување и чување на земјоделските производи низ земјата, а со тоа и постигнување повисока продажна цена.
Македонската преработувачка индустрија и покрај глобалната криза, годинава ја завршува со добри резутати. Остварен ли е поголем прилив на средства од лани?
Оваа година беше една од најдобрите за преработувачката индустрија. Поради погодните временски прилики производството се вршеше до крајот на ноември, а некаде и до почетокот на декември. Според податоците со кои располагаме, преработувачите бележат рекорно производство и извоз на преработките и тоа со најмалку 10 отсто повисок извоз во споредба со лани. Тука морам да спомнам дека Владата и Министерството за земјоделство им дадоа 20 милиони денари поддршка на преработувачите за маркетинг и амбалажа на преработени и извезени земјоделски производи во 2012 година. За 2013 година е планирана државна поддршка и за националната презентација на македонската прехранбена индустрија на најголемиот светски саем за преработки од зеленчук и овошје саемот Ануга во Келн, Германија.
На почетокот дадовте оценка за изминатата 2012 година. Какви се Вашите предвидувања за аграрот во 2013?
Се надевам дека и во следната година ќе се задржи трендот на зголемено земјоделско производство. Храната станува страгиски производ чија цена бележи се поголем раст. Впрочем, тоа се предвидувањата и на експертите од Обединетите нации и од ФАО. Производството на храна значи поголема самостојност на секоја држава, не само на економски план, туку и многу пошироко.
Македонија ги има сите предуслови, климатски, почвени и традиција во земјоделството, во примарното производство, но и во преработувачкиот дел особено, да го зголеми своето производство. Не случајно земјоделството е трет сектор во македонската економија.
Овој тренд ќе продолжи и во следните години и уште повеќе ќе се зајакне. Затоа е потребно повеќе да ги користиме нашите можности и компаративни предности во што пократок рок и во што поголема мера да го зголемиме и прошириме домашното производство на земјоделски производи, преработки и храна.
Извор: http://www.mzsv.gov.mk/?q=node/1124