Почетна / Вести Македонија / Идејата на таткото ја оствари синот

Идејата на таткото ја оствари синот

Битолскиот регион го доби првиот современ ладилник, направен според европски стандарди, за складирање овошје и зеленчук.

Го изгради фирмата „Голем извор“, а управител е младиот битолчанец Јовица Момирчевски, магистер по биотехнички науки. Во изградба неговото семејство вложило еден милион евра, а идејата за бизнисот ја добиле од Холандија.

– Идејата е стара, беше на татко ми, кој одеше во Холандија по набавка на семенски материјали. Ова го виде таму и подоцна, како што наоѓавме средства, го градевме објектот. Две години траеше градбата, а работиме веќе една година. Претходно парцелава беше нива – вели Момирчевски.

Ваков објект недостигаше во Битолско со оглед на тоа што регионот има 60.000 хектари обработлива земја од Пелагонија. Веќе се откупени поголеми количини овошје и зеленчук, кои во ладилникот се чуваат на соодветна температура, па личат како тогаш да се обрани.

– Овошјето и зеленчукот ги откупуваме во Македонија и ги продаваме на странските пазари. Kапацитетот на ладилникот е 1.000 тони, со можност за зголемување на 2.500 тони. Складираме јаболка, пиперки, моркови, зелка и други раноградинарски култури. Потоа производите ги извезуваме за Босна и Херцеговина, Русија, Чешка, Србија, Бугарија – вели Момирчевски.

Досега земјоделските производи од Битолско наменети за продажба на домашниот пазар и за извоз претежно се чуваа во импровизирани ладилници. Земјоделци од Битолско раскажуваат дека некои купуваат железни контејнери кои на пазарот се наоѓаат по цена од 1.500 евра, ги обложуваат со стиропор однатре, со тервол однадвор и стават клима-уред од 7,5 киловати да ги лади. Други наместо клима-уред, како разладувач користат ладилна табла од камион за сладолед. На крај импровизираниот ладилник ги чини 2.500 до 3.000 евра. Но експертите велат дека ниеден од нив не може да ги овозможи условите како новоизградениот ладилник зашто во него е контролирано одржувањето на земјоделските производи.

– Дојде времето кога треба да се инвестира во вакви објекти за да може да се прифати земјоделското производство, кое се зголемува. Владата преку субвенциите го поттикна развојот на земјоделството и сега имаме многу поголемо производство. Во 2006 година имавме извоз на земјоделски производи од 242 милиона евра, а сега имаме над половина милијарда евра земјоделски производи за извоз – изјави заменик-министерот за земјоделство Зоран Kоњановски.

Поддршка за почнување вакви бизниси земјоделците можат да добијат и преку ИПАРД-програмата на Европската унија.

Во околината на Битола Општината урбанизира повеќе парцели каде што ќе можат да се градат ладилници и откупни центри за земјоделски производи. Владата има предвидено 25 парцели низ Македонија каде што во иднина ќе се градат откупно-дистрибутивни центри и ладилници за земјоделски производи.

Жанета Здравковска

Извор: dnevnik.mk

Check Also

Qélianet започнува да работи во Македонија

Интегрален текст од тим информатичари од Охрид. Известувањето Ви го пренесуваме во целост. Почитувани, Ви …