Хортензија – Hydrangea припаѓа на семејството Hydrangeaceae. Родот е доста обемен и содржи околу 100 видови.
Името на семејството потекнува од грчките зборови hydor – вода и angos – сад, поради формата на семените кутии, а исто така и поради тоа што растенијата сакаат влага. Постојат форми кои растат исправено,ползечки, листопадни и зимзелени, студољубиви и топлољубиви, ситни (џуџести) и дрвенести хортензии.
Потекнуваат од Хималаите, Северна и Јужна Америка и Централна и Источна Азија.
Хортензиите се пренесени во Европа од Јапонија во 18 век. За жал, биле премногу топлољубиви и морало да се одгледуваат како саксиски растенија. Подоцна со интензивна селекција, биле создадени различни сорти, кои освен со декоративни квалитети се карактеризирале и со толеранција на студ. Првите обиди за селекцијата започнале во 1900 година и некаде околу 60-тите години на 20 век веќе имало околу 100 нови сорти.
Ова се некои од најчестите видови хортензии:
• Н. macrophylla (Н hortensis) – Крупнолистна хортензија
• Н. paniculata – Метловидна хортензија
• Н. arborescens – Дрвовидна хортензија
• Н. serrata – Хортензија серата
• Н. sargentiana – Хортензија саржета
• Н. heteromalla ‘Bretschneideri’ – Почвопокривна хортензија
• Н. quercifolia – Даболистна хортензија
• Н. radiata – Хортензија радиата
• Н. cinerea – Пепеласта хортензија
• H. Aspera- Бодлива хортензија
• Н. petiolaris – H. anomala subsp. Petiolaris – Ползечка хортензија
• Hydrangeoides Schizophragma – Хортензија шизофрагма
Сл.1 Н. macrophylla
Сл.2 Н. paniculata
С.3 Н. arborescens
Сл.4 Н. serrata
Сл.5 Н. sargentiana
Сл.6 Н. heteromalla ‘Bretschneideri’
Сл.7 Н. quercifolia
Сл.8 Н. radiata
Сл.9 Н. cinerea
Сл.10 H. Aspera
Сл.11 Н. petiolaris
Сл.12 Hydrangeoides Schizophragma
Локација
Во суптропските појаси пожелно е да се садат на полузасенчени места. Само неколку видови се развиваат и цветаат подобро на сонце, но е потребно обилно наводнување. Во умререните појаси за садењето на хортензиите избираме добро осветлено место или со благо засенчување. Младите растенија е добро да се одгледуваат на место заштитено од пладневното сонцето, а исто така и од ветрови.
Почва и садење на нови растенија
Хортензиите се садат во северните делови на пролет, а во умерените и јужните – пролет и есен. При садењето се внимава да не се закопа вратот на коренот. Големината на дупката за садење на младите растенија е 30х30х30cm бидејќи кореновиот систем на хортензиите не е длабок, но е доста се шири во страна, поради тоа не е добро во близина на основата на растението да има други цвеќиња или треви. Во дупката се става 1/3 компост и тресет. По садењето најдобро е да се полие со мека вода или дождовница, а потоа почвата одозгора да се разровка. Кон крајот на мај, почетокот на јуни се прихранува со минерални ѓубрива – 20 gr суперфосфат и по 10 gr шалитра на 10 l вода. Повторно прихранување се прави по 10-15 дена. Така се осигурува дека ќе биде добро расцветана во текот на годината и ќе има пупки за следната година. Растението се мулчира со компост или тресет, а после прекопувањето пак се додава мулч.
Најдобро се развива во богата, умерено влажна, добро дренирана почва, од слабо кисела до кисела pH 4.5-6.5.
Одгледување
Хортензијата реагира добро на прихрана. Пред пролетта се прихранува со ѓубриво за рододендрони и со микроелементи. Во периодот на образување на пупки се храни по втор пат, а во лето – уште два пати. Добро е за време на цветањето да се повтори. Хортензиите сакаат многу влага, се наводнува обилно и секојдневно. За зајакнување на отпорноста на леторастите се препорачува да се полива со слаб раствор на калиум перманганат. Од сите хортензии најмногу има потреба од зимска заштита Hydrangea macrophylla.
Боја и рН на почва
Во повеќето видови на цветовите се бели, но некои видови (особено Hydrangea macrophylla), може да имаат цветови со сина, црвена, розова, светло виолетова, или темно пурпурна боја. Овие видови на бои се под влијание на pH на почвата. За H. macrophylla и H. serrata, бојата на цветовите зависи од киселост на почвата: од кисела почва (pH под 6) обично се добива боја сина,од додека алкална почвата (рН вредност над 6) ќе се добијат цветови со розова боја.
Кастрење
H. paniculata и Н. arborescens формираат групи од леторасти во тековната година. Без кастрење грмушките многу се згуснуваат, имаат запуштен изглед и квалитетот на цветовите постепено се влошува. Ако во рана пролет убаво се поткастрат, младите моќни растенија во текот на летото или почетокот на есента цветаат обилно. Основен услов е да се направи кастрењето рано напролет, до почетокот на активната вегетација да имаат доволно време да развијат. Затоа кастрењето се прави месец март- април, кога почнуваат да се развиваат нови пупки и може да се види распоредот на новите леторасти.
Целта на првичното кастрење е да се формираат силни, рамномерно распоредени скелетни гранки. Во првата година на растението поради нормален развој на коренот систем, кастрењето не треба да е толку изразено како во следните години. При садењето, ако е наесен, треба да се отстранат сите слаби и оштетени гранки, а на пролет се поткаструва на 1/3 или 1/4 од должината.
На втората година, во пролет март- април, се отсекуваат минатогодишните леторасти над пупките, кои се над стариот дел на гранките. Почвата при основата треба добро да се мулчира за да се обезбеди повеќе влага. Во следните години кастрењето е како во втората година. После неколку години главните одрвенети гранки може периодично да се исечат. Недоволното прихранување може да доведе до создавање на слаби и тенки леторасти. Постарите грмушки се обновуваат преку отстранување на повеќегодишните одрвенети делови или преку кастрење на височина од половина метар. При тоа “реновирање” можно e да нема цветови во тековната година. Во есен се отстрануваат само прецветаните соцветија.
Кај ползечките (Н. Petiolaris) и почвопокривните (Н. heteromalla ‘Bretschneideri’) хортензии на пролет малку се скратуваат долгите леторасти, како резултат на тоа раздвојување, подобро и пообилно цветаат. Од годишниот прираст се избираат неколку од најздравите и најсилни леторасти за подоцнежна замена на старите и слабите, кои се сечат до корен.
Kaj H. macrophyllaна пролет треба да се исечат само прецветаните стари соцветија, а исто така и слабите и исушени гранчиња. Не се кастри многу, бидејќи ќе цвета слабо или воопшто нема да цвета. Прецветаните соцветија во зима ги заштитуваат цветните пупки од студ. Овој вид хортензија не е многу отпорен и добро е да се заштити во зима.
Хортензиите страдаат од хлороза (пожолтување на листовите). Особено оние кои се одгледуваат во варовита почва.
Сл.13 Кастрење на хортензија
Размножување
Со делење на кореништето или со резници , во пролет или лето, но пред да се одрвенат. Најдобрата мешавина за вкоренување е два дела тресет и еден дел песок.
Автор: www.agri.mk