Ликвидација или реорганизација за најголемиот светиниколски комбинат „Џумајлија“ – ќе се знае за десетина дена. Извори за „Дневник“ велат дека ликвидацијата е единствена опција бидејќи во комбинатот не останало ништо за реорганизација.
Долгот на фирмата е околу 10 милиони евра, а доверителите во изминатиот период распродале речиси с` што било вредно. Во меѓувреме Министерството за земјоделство објави јавен повик за давање под закуп на 5.353 хектари државно земјоделско земјиште во регионот Свети Николе, кое порано го користеше „Џумајлија“. Планирано е да го добие еден корисник, а со бизнис-план дополнително ќе се утврдува што ќе се одгледува.
Во комбинатот велат дека очекуваат за кратко време да се одржи двапати одложеното извештајно собрание за агрокомбинатот на кое дефинитивно треба да се реши судбината на некогашниот гигант кој од пред пет месеци е во стечај.
– На извештајното собрание ќе се знае точно колку доверители се пријавиле, колку од долговите се пријавени, а колку признаени. Од имотот на „Џумајлија“ останаа само неколку магацини и три сточарски фарми, но без добиток – вели стечајната управничка Владица Ивановска.
Извори од комбинатот велат дека пред да се отвори стечајот, доверителите го зеле или го продале речиси целиот имот, како мелницата, пекарницата, винарската визба, управната зграда и најголемиот дел од механизацијата. По стечајот, преостанатите 180 вработени во „Џумајлија“ се пријавени во Агенцијата за вработување и примаат стечаен надоместок, а во моментот се ангажирани 20-ина, главно од администрацијата и од обезбедувањето.
Стечајните работници се надеваат дека индустриските капацитети повторно ќе бидат ставени во функција од новите сопственици и оти во нив ќе има место за досегашните вработени. Со нетрпение очекуваат и каков ќе биде епилогот од распишаниот јавен повик од Министерството за земјоделство за давање под закуп на земјиштето што го стопанисуваше „Џумајлија“, но лани, поради неплатена закупнина, ја загуби концесијата. Во исто време, поради ненамирени долгови кон производителите, беше загубена и дозволата за откуп на грозје, а случајот „Џумајлија“ дефинитивно изби на виделина пред точно една година, кога беше откриено дека од нејзините магацини исчезнало жито во вредност од 1,4 милион евра, по што директорот и доминантен сопственик Зоран Даневски, избега во Бугарија. На речиси сите 5.353 хектари што ги стопанисуваше агрокомбинатот се сееја житни култури, со исклучок на 150, кои беа под луцерка и 400 со лозови насади, кои и сега се одржуваат. За жал, површините и оваа есен ќе останат непосеани.
– Голема штета е што тие големи површини и оваа есен, како и ланската, нема да бидат посеани. Сепак, се надеваме дека огласот на Министерството ќе биде успешен, оти земјата ќе ја добијат успешни фирми, кои веќе напролет ќе ја посеат и ќе обезбедат работа и за нас, досегашните вработени, но и за нови работници – вели Владо Миланов, долгогодишен работник во „Џумајлија“.
Валентина Ангеловска
ЉупЧо Шатевски
Kомбинатите во Овче Поле вработуваа 6.000 луѓе
До пред една и пол деценија поголем дел од обработливото земјиште во Овчеполието, односно повеќе од 30.000 хектари, им припаѓаше на големите агроиндустриски комбинати „Овче Поле“ од Свети Николе и „Црвена ѕвезда“ од Штип, кои вработуваа речиси 6.000 луѓе. Пред пропаѓањето, „Овче Поле“ имаше 3.000 работници и 18.000 хектари земја, а во негов состав работеше и „Џумајлија“.
Извор: http://dnevnik.mk/?ItemID=06B94F039981514DAA4AADBF1C5102F1