Пилињата пцовисувале поради проблеми со црниот дроб. Пченката со која се хранети е дадена на анализа, а во меѓувреме се испитува и пченката за човечка исхрана увезена од Србија
Масовен помор на пилиња во една живинарска фарма во земјава укажува на можно присуство на канцерогена пченка со афлатоксин, увезена од Србија, дознава „Дневник“. Пилињата пцовисувале поради проблеми со црниот дроб. Пченката со која се хранети веќе е дадена на анализа, а резултати се очекуваат следната недела. Во меѓувреме, Агенцијата за храна и ветеринарство ја испитува и пченката за човечка исхрана и најавува дека резултатите ќе бидат готови в петок. Вчера дел од лабораториите во Србија потврдија дека една третина од произведената пченка во нивната земја е заразена со афлатоксини. Во нашата земјоделската инспекција велат дека на граничните премини не забележале сомнителна пченка со потекло од нашиот северниот сосед бидејќи цела пченка што влегува за добиточна храна е од добро потекло. Според нив, од почетокот на годинава досега се увезени 51.636 тони пченка за добиточна исхрана. Од овие количини, само во последниве три месеци влегле 11.610 тони од Србија.
– Ние засега немаме сознанија дека во земјава има пченка од Србија која е заразена со афлатоксини. Сметаме дека не може цела пченка што доаѓа оттаму да е заразена. Афлатоксинот потекнува од габата аспегилус, која се јавува во вид на мувла, и можно е да се јави само кај пченка што била складирана во влажни магацини. Од овде произлегува дека оваа габа може да се појави само кај одредена пченка, која ако се исуши и се отстрани габата, добива поинаква боја – вели Румен Стаменов, директор на Државниот инспекторат за земјоделство. Тој додава дека досегашните анализи не покажале присуство на заразена пченка, а резултатите од неодамнешниот увоз ги најавува за крајот на неделава.
Во Агенцијата за храна велат дека за човечка исхрана во земјава се увезува многу малку пченка од Србија. Минатата година само 40 до 50 тони.
– Пченката влегува како смрзната, палента или пченкарно брашно. Земени се мостри и резултатите ќе бидат готови до петок – вели Дејан Рунтевски, директор на Инспекторатот.
Микробиолозите, пак, објаснуваат дека ова е една од најопасните материи што остануваат во јадрото на зрното пченка, односно и да се отстрани габата, со сушење и со лупење на пченката, отровната материја останува во средиштето.
– Оваа пченка е горчлива по вкус, со поинаква конзистенција и боја, која е помеѓу окер и сиво. Искусен фитопатолог или микробиолог може лесно да препознае заразена пченка – велат микробиолозите.
Црногорската Здравствено-санитарна инспекција вчера соопшти дека не пронашла неправилности во пченкарното брашно увезено од Србија. Здравствено-санитарната инспекција наведе дека во изминатите три месеци извршила контрола на увозот на 6.290 килограми пченкарно брашно. Kонтролата е извршена по информациите што се појавија во српските медиуми, кои ја цитираат изјавата што дојде од претпријатието за контрола на квалитетот СГС Србија: „Над две третини од годинашниот род на пченка се заразени со афлатоксин, кој е најканцерогеното соединение што може да се најде во човековата и во животинската храна“.
Податоците на оваа фирма вчера ги потврдија и во Научниот институт за прехранбена технологија во Нови Сад (ФИНС), од каде што соопштија дека околу 30 отсто од испитаните мостри на пченка содржат афлатоксин над дозволените граници. Раководителот на лабораторијата, Павле Јованов, изјави дека во нивната лабораторија досега се прегледани околу 130 примероци од годинашниот род и кај 60 отсто од нив е утврдено присуство на оваа отровна материја. Kај повеќе од половина присуството било над дозволените 0,05 милиграми на килограм. Според српските експерти, присуството на афлатоксините во пченката е предизвикано од габи што се развиле како последица на сушата, а сличен проблем имаат и Унгарија, Романија и Бугарија. Овде отровот го има во помала мера бидејќи нивните експерти навреме, пред бербата, ја уочиле појавата и презеле мерки со кои штетата е намалена.
Според експертите, дел од контаминираната пченка која ги задоволува потребите за добиточна храна може да се употреби во смесите за исхрана на животните, додека преостанатиот дел може да се пренасочи на производство на биоетанол или скроб, а со засилен инспекциски надзор може да се спречи контаминираната пченка да дојде во човековата исхрана.
Валентина Ангеловска
Италија алармирала пред два месеца
За присуство на афлатоксини во српската пченка први предупредиле Италијанците уште во октомври. Преку европскиот систем за брзо предупредување за опасности во храната, РАСФФ, Италија на 10 октомври јавила дека враќа пратка со добиточна храна со потекло од Србија во која се најдени афлатоксини.
Афлатоксинот се смета за најканцерогено познато соединение од биолошко потекло.
Луѓето се изложени на него преку консумација на житни култури и јаткасти плодови, но може да се најде и во млекото и во месото ако претходно добиточната храна била загадена со мувла. Многу е токсичен за црниот дроб, а може да предизвика примарен карцином на црниот дроб и леукемија. Особено е опасен затоа што не дава никакво предупредување дека е присутен во храната.
– Еднократно внесување намирници со висока концентрација на микотоксини доведува до акутно труење, а консумирањето храна со ниско ниво, но во подолг временски период, доведува до оштетувања на кожата и на внатрешните органи. Габите што ги произведуваат афлатоксините се наоѓаат на плодовите уште на полето, а нивното создавање продолжува и во текот на процесирањето и складирањето – предупредува Хрватската агенција за храна. (С.Х.)
Извор: http://dnevnik.mk/?ItemID=1521AC07CD8051469090BEFC0F95B179