Почетна / Вести Македонија / Деца од основно училиште произведуваат и продаваат органска храна

Деца од основно училиште произведуваат и продаваат органска храна

Домати, моркови, марули, краставици, пиперки, тикви се само дел од органските зеленчуци што растат во стаклената градина во основното училиште „Св. Kлимент Охридски“ во Драчево. Учениците, со наставничката по биологија, Билјана Илиева, во текот на целата година ги садат, се грижат за производите и им се радуваат кога растат и зреат.

– Ги бројат доматите, пиперките. Неодамна се случи едно од помалите деца да им скине една краставица, па имаше потрага по неа – се смее и раскажува наставничката Илиева.

Поголемите работат за помалите

Во целата приказна, интересно е и тоа што сите производи што се берат од стаклената градина учениците им ги продаваат на наставниците, а парите се користат за еколошки проекти.

– Тоа не се големи суми, бидејќи немаме многу голема градина. Оваа година ни се случи наставниците да бараат повеќе производи, но веќе немаше што да се продава. Сега се останати уште неколку култури, па ќе се подготвуваме за пролетните. Со парите од продажбата им купуваме сликовници за екологија на учениците од помалите одделенија, купуваме награди за натпревари што ги организираме. На некој начин поголемите ученици работат за помалите – вели Илиева.

Градината за органско производство на зеленчук, не е единственото нешто што ова училиште го прави посебно. Тука очите „болат“ од зеленило. Огромна зелена површина ги гушка неколкуте згради од училиштето. Kолку му се посветува внимание на истото, говори беспрекорниот изглед на секоја грмушка и дрво. Патеките се разубавени со различни цвеќиња, кои се менуваат во зависност од годишното време. На последната голема акција, учениците засадиле околу 50 садници со рози, кои сега го разубавуваат просторот уште повеќе.

– Постојат екопатроли. Секоја е задолжена за нешто. Се следи состојбата на сите култури во училишниот двор. Гледаме кое растение е во опасност, на кое му треба повеќе или помалку вода. Потоа се поднесува извештај и се организираме да се среди состојбата. Таа задача ја има нашиот градинар Боби, кој ни помага и со стаклената градина. Исто така патролата ја проверува и хигиената во училиштето – вели осмоодделенката Михаела Велковска.

Таа и другите ученици, кои се најактивни во еколошките акции, се и дежурни полицајци во училиштето кога станува збор за однесувањето на учениците кон зеленилото.

Се шегуваат дека не ги тепаат децата што ќе оштетат цвеќе или дрвце, но ги предупредуваат да не го прават тоа.

– Можеби звучи чудно, но ние имаме 500 деца во училиштето, а толку е чисто и не се оштетува ниту едно растение. Некако се развива свеста уште од најмала возраст. Сите се внимателни кон природната околина и тоа се пренесува од едно кон друго дете. И ако се случи нешто, тоа е повеќе од невнимание. Сите наставници ~ се особено посветени на екологијата. За оранжеријата помага и целиот технички персонал во училиштето, особено Виолета Тошевска – вели Илиева.

Учениците вклучени во с`

Психологот Јаворка Паскоска вели дека најважно е што сите ученици се вклучени во секоја акција и оти децата се дружат и социјализираат на тој начин.

– Тоа е најдоброто оружје против агресијата кај децата. Секој треба да почувствува дека нешто прави за околината, да е вклучен во некаква акција. Така се раѓа одговорност. Тие се грижат за растенијата, за зеленилото, за цвеќињата, за плодовите во градината. Од нив најмногу зависи каква ќе им биде средината во која ќе учат – вели Паскоска.

За учениците најинтересен дел е процесот на садење во градината. Во пролет се садат краставици, моркови, ’рдокви, магдонос, пиперки, домати.

– Најголемата забава е кога садиме нешто. Секој има своја задача. Потоа будно следиме што се случува со културите и секако не ги прскаме со хемикалии бидејќи целта е да направиме органски производи – вели ученичката Бојана Станковска.

Единственото машко во екопатролата е Дарко Дабески, кој е секогаш тука да помогне за потешката физичка работа.

– Па може да се каже дека помагам за потешките работи, иако сите еднакво се трудиме. Често имаме работа и по завршување на часовите, но не е проблем, ние сакаме да се грижиме за природата – вели Дарко.

Следната година ова училиште ќе го прослави својот 90-ти роденден. Иако училишната зграда е стара градба, беспрекорно е одржувана во сите овие години, па затоа и с` уште може да им служи на учениците.

Милена Атанасоска-Манасиева

Пиеле млеко од кравите и од козите на училиштето

До 2004 година во ова училиште имало и зоолошка мини-градина со крави, кози и птици. Децата во училиштето пиеле млеко само од кравите и козите што живееле во училишниот двор, но, за жал, таа традиција престанала поради финансиски тешкотии.

– Тоа беше навистина убава традиција. Нашата зоолошка мини-градина не можеше да се одржува бидејќи е скапо и училиштето не може да ги обезбеди тие средства – вели Паскоска.

Извор: dnevnik.mk

Check Also

Qélianet започнува да работи во Македонија

Интегрален текст од тим информатичари од Охрид. Известувањето Ви го пренесуваме во целост. Почитувани, Ви …