Почетна / Вести Македонија / ЦЕА: Гледајте на ИПАРД како капитал, а не како пари

ЦЕА: Гледајте на ИПАРД како капитал, а не како пари

Ефикасноста во користење на ИПАРД е релативно ниска најмногу поради недоволната информираност и анимираност на потенцијалните корисници, обемната и комплицирана документација, неусогласеност на националното со законодавството на ЕУ.

Македонија недоволно ги користи европските претпристапни фондови наменети за поддршка на земјоделството и руралниот развој, а тоа не е проблем со кој се соочува само нашата земја, тоа е проблем кој постоел и постои кај сите земји-кандидати за членство во ЕУ.

Истражувањето што го спроведе Центарот за економски анализи (ЦЕА) покажува дека ефикасноста во користење на ИПАРД е релативно ниска најмногу поради недоволната информираност и анимираност на потенцијалните корисници, обемната и комплицирана документација, неусогласеност на националното со законодавството на ЕУ, како и неподготвеноста на барателите да ги исполнат условите и тешкиот пристап до финансии.
– Во Европската унија финансиската поддршка од ИПАРД ја гледаат како капитал, а во Македонија на оваа мерка гледаат како пари. Ако ИПАРД ја гледаме како капитал, тогаш тоа ќе биде ресурс за понатамошен развој. Нашата цел е да дадеме одговор за тоа кои се пречките и проблемите за малата искористеност на ИПАРД програмата, кои се тесните грла и да дадеме препораки за поголема ефикасност и искористеност – истакна Маријан Николов од ЦЕА.

Според податоците од Платежната агенција, од распределените 39,5 милиони евра за проекти во аграрот, во периодот 2007-2012 година досега се активни само 10%, а реализирани само 6% од парите. Досега се објавени 6 јавни повици за користење на парите при што во Платежната агенција стигнале 536 барања. Склучени се 167 договори, од кои активни се 120, односно повлечени се 47 договори. Заклучно со 2012 година вредноста кофинансирање на склучени договори за користење на пари од ИПАРД програмата изнесува 4 милиони евра, а заклучно со крајот на минатата година исплатени се 2,2 милиони евра.
– Во последниот период има намалување на бројот на апликации, но во исто време постои тренд на раст на стапката на одобрување. Ова е показател дека по првичната недоволна информираност, барателите сега доставуваат поконкретни и посериозни документи. Сепак и овие 167 одобрени барања претставуваат солидна бројка, ако се земе во предвид дека во Хрватска која има многу поголем земјоделски сектор изнесува 250 – истакна Горан Ковачев од ЦЕА, кој го изработи Истражувањето за подобрување на ефикасноста и ефективноста во распределбата на средствата од ИПАРД програмата.

Според него, модификациите на ИПАРД програмата во најскоро време да се преведат на македонски јазик, да се изработи толковник на поими за ИПАРД, современа медиумска кампања, и да се воведе рубрика за најчесто поставувани прашања за ИПАРД на страниците на институциите.

Извор: vecer.com.mk

Check Also

Qélianet започнува да работи во Македонија

Интегрален текст од тим информатичари од Охрид. Известувањето Ви го пренесуваме во целост. Почитувани, Ви …