Живинарската фарма “Везе Шари” од тетовското село Требош ги поскапи своите сувомесни производи, а наскоро зголемување на цените на своите месни преработки најавуваат и од “Агриа” од Велес.
Растот на цената на замрзнатото месо за преработка на светските пазари ги поскапе и домашните сувомесни производи. Дел од преработувачите во месната индустрија најавија дека веќе од вчера своите сувомесни производи ги продаваат по повисоки цени. Причината за ваквата одлука е кризата за добиточна храна која ја придонесе и за поскапувањето на цената на месната суровина на светските пазари. Така цената на замрзнатото говедско месо на светските пазари достигнала и до 5 евра за килограм.
– Нема друг излез, ако сакаме да го одржиме производството, бидејќи вака работиме само со загуби. Оваа цена, ја диктираат светските пазари за месна суровина, ако таму расте цената, тогаш тоа неминовно е да влијае и врз нашите преработки од месо, а ние сме увозно зависни од замрзнато месо. Јас сум присилен моите сувомесни производи да ги зголемам за околу 7% – вели Арбен Абдурахмани, директор на живинарската фарма “Везе Шари” од тетовското село Требош за порталот Фактор.
Агробизнисмените велат дека со сегашните цени работат со загуби. Македонија е исто така увозно зависна и од свинското замрзнатото месо што месната индустрија го користи за производство на салами, колбаси и други месни преработки. Во моментов на светските пазари ова месо се движи од 3,5 до 4 евра за килограм. Податоците покажуваат дека Македонија годишно увезува 12.000 тони замрзнато свинско месо, за што од буџетот се трошат околу 40 милиони евра.
– Со сегашните цени ние веќе работиме со загуби, значи сега е прашање не како да заработиме, туку како да го преживееме овој тежок период, што е на глобално ниво. Сите земји од регионот ги поскапеа цените и по она намалување што некои од нив го сторија, повторно се повисоки од нашите цени. Зголемувањето на цените на сувомесните би било од 7% до 10%. Македонија во моментов има за околу 15% поевтино месо и месни преработки, од земјите од регионот – вели Перо Колевски, директор на агроиндустриската групација “Агриа” од Велес.
Дел од агробизнисмените од месната индустрија велат дека доколку состојбата со цената на суровината до февруари следната година не се стабилизира, ќе претстои уште едно поголемо поскапување на цените на преработките од месо. Од друга страна цената на свежото свинско месо, до крајот на годината ќе остане непроменета, но само ако цените на добиточната храна останат на сегашното ниво. Според нивните проценките, владината мерка за интервенција преку стоковите резерви, би било подобро да биде од почетокот на следната година, кога се очекува кризата за добиточна храна и цените да кулминираат.
– Мерката е добра, но ако сега се искористи, тогаш што ќе правиме во јануари и февруари следната година, кога цените ќе растат и тоа многу. Мислам дека би било добро сега, да се користат оние малку залихи од добиточна храна, само колку да се преброди до крајот на годината, да не трпиме загуби, не за да заработуваме – објаснува Колевски за Фактор.
Главната причина од каде што потекнува сегашното поскапување на цените на основните прехранбени производи, е сушата која го зафати целиот свет. Драстично се намалија приносите од пченка, пченица, јачмен и соја, што доведе до недостиг и поскапување на овие житарки за добиточна храна на светскиот пазар.
Статистичките податоци покажуваат дека за четири години домашното производство на месо е намалено за 20%. Годишните потреби на Македонија од свежо свинско и месо за преработка изнесуваат близу 11.000 тони, 20.000 тони се потребите за телешко месо и околу 22.000 тони за пилешко месо, количества кои во голем дел се покриваат од увоз. Ако во 2007 година увозот на месо чинел близу 72 милиони евра, лани се потрошиле речиси 100 милиони евра за покривање на домашните потреби за месо.
Извор: http://vecer.com.mk/?ItemID=D8A03E9964271A40AAAA1B8D1FA3A926