Почетна / Вести Македонија / Без регистрација на земјиштето нема субвенции

Без регистрација на земјиштето нема субвенции

Со воспоставувањето на овој систем ќе се олесни процесот на аплицирање за националните субвенции и ќе се спречуваат злоупотреби на државната помош на земјоделците.

 

Сите земјоделци од годинава ќе мораат да го регистрираат своето земјиште во Системот за идентификација на земјишни парцели (СИЗП) за да добијат субвенции. Со него во суштина се идентификува земјоделското земјиште што тековно се обработува и со негово воспоставување Македонија ќе го олесни процесот на аплицирање за националните субвенции и ќе ги зголеми мерките за контрола на неправилно пријавените апликации за државната помош на земјоделците. Воедно, земјата ќе ги исполни условите за добивање финансиска поддршка од буџетот наменет за заедничка земјоделска политика на Европската унија. Со СИЗП ќе имаме на располагање информативен систем во кој ќе бидат регистрирани реалните податоци на земјоделско земјиште во целата земја.

– Системот користи прецизни авионски снимки на кои е прикажана реалната состојба на земјиштето и неговата употреба. Со помош на СИЗП, графички се исцртуваат земјишните парцели и автоматски се пресметува точната површина на земјиштето и границите на парцелите. Сепак, овие граници не секогаш ја претставуваат реалната состојба на земјоделските парцели на терен. Затоа, нивната локација ќе се утврдува во присуство на земјоделците, во подрачните единици на Министерството за земјоделство – велат во ресорното министерство. Оттаму објаснуваат дека земјоделецот треба да има листа со сите негови обработливи земјишни парцели. Во случај на регистрација на лозови насади и овоштарници, тој треба да ја знае годината на насадот и растојанието меѓу садниците или точно да ги знае видот на овошјето и бројот на дрвјата.

Земјоделците велат дека со регистрацијата во СИЗП имаат повеќе придобивки.

– Прво го добиваме правото на добивање субвенции, а во исто време со пријавувањето во иднина се поедноставува постапката за аплицирање, а земјоделецот ќе знае и кое земјиште може да го пријави во иднина. Откако земјиштето е еднаш пријавено, следната година должни сме да ги регистрираме само промените настанати на парцелата. Исто така, на ваков начин ќе се намали ризикот од лажни барања за субвенции и повеќе средства ќе им се дадат на вистинските производители – велат во Сојузот на земјоделците на Македонија.

Целиот процес на регистрација во Системот е бесплатен. Сите земјоделци имаат обврска да го регистрираат своето земјиште ако аплицираат за субвенции од Програмата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.

Од документите што треба да ги поседува еден земјоделец за да го пријави земјиштето неопходни се листа со парцели што ги поседува и обработува. Ако има документи за сопственост, треба да ги донесе на денот на пријавувањето. Овие документи може да бидат имотен лист, договор за купопродажба или закуп или кои било други документи во врска земјиштето.

Експертите од Факултетот за земјоделски науки и храна велат дека корист од процесот на регистрација на обработливото земјоделско земјиште најмногу ќе имаат самите земјоделци.

– Со регистрацијата на земјиштето во СИЗП земјоделците добиваат право за добивање субвенции, нема мерење на парцелите на терен, бидејќи тие се гледаат на авионските снимки,

ќе се знае земјиште со што е засадено, а процесот на пријавување во иднина ќе биде поедноставен и побрз, бидејќи од година на година само треба да се регистрираат и измерат измените – објаснуваат професорите.

Ако се појави ситуација каде што двајца земјоделци пријавуваат иста земјишна парцела, тогаш службениците на Министерството ќе ги повика и двајцата да појдат во просториите на МЗШВ, каде што ќе се обидат да ја разјаснат ситуацијата.

Искуството од другите европски држави покажува дека воспоставувањето на СИЗП е неопходно за да се поедностави процесот на аплицирање за субвенции и да се зголеми контролата на неправилно поднесени барања за финансиска поддршка.

Валентина Ангеловска


Извор: http://dnevnik.mk/?ItemID=789C2AEDDDE83D41A73219F4488A6815

Check Also

Qélianet започнува да работи во Македонија

Интегрален текст од тим информатичари од Охрид. Известувањето Ви го пренесуваме во целост. Почитувани, Ви …