Почетна / Вести Македонија / Ап Симха: „Сахара“ не се откажува од проектот за млекарницата

Ап Симха: „Сахара“ не се откажува од проектот за млекарницата

„Точно 200 милиони евра, од коишто сто за градежни работи и по педесет за машини и набавка на крави од сортата ’холштајн‘, ќе вложиме во проектот ’Сахара млекарница‘ во Овчеполието. Имаме проект, мастер план, кој на 5 септември годинава го доставивме до Министерството за земјоделство. Планот е изработен според потребите на млекарницата, која ќе биде најголема во овој дел од Европа. Скептиците, оние што не веруваат во нашата инвестиција, ќе бидат демантирани на најдобар можен начин, односно по комплетната реализација на проектот. Демантот ќе стигне по две и пол години, кој си го поставивме за заокружување на целата инвестиција“.

Во разговор за „Утрински весник“ ова го вели Ап Симха, одговорен менаџер за проектот „Сахара млекарница“, кој треба да го прероди сиромашниот Овчеполски регион и да им донесе среќна иднина на 2.000 семејства. Додека разговараме за проектот што ги возбуди духовите во регионот, но и во целата држава, Ап Симха ја отвора географската карта на Овчеполието и ни ги појаснува деталите во однос на големата инвестиција.

-Точно знаеме како ќе изгледа и како ќе функционира целиот овој систем кој ќе вработува 2.000 лица. Постапуваме согласно со законите на Република Македонија кои не’ обврзуваат да не смееме да чуваме стока на оддалеченост помала од 1,5 километар од населено место. За да обезбедиме заокружен процес на производство на млеко, треба да изградиме три работи. Тие три работи се живеалишта за кравите (фарми), фабрика за сточна храна и млекарница. За кравите е неопходно земјиштето да биде рамно и да има вода. Исто важи и за земјиштето кое ќе го обработуваме. Тој услов на теренот го имаме. Определивме четири локации за изградба на фармите, две од тие четири се приоритетни. Првата, најголема и најповолна локација, зафаќа површина од 96 хектари и може да прифати 20.000 крави. Овде некои го поставуваат прашањето од каде толку вода за кравите ако се знае дека едно грло дневно пие по 200 литри вода. Извршивме хидрогеолошки истражувања за да видиме со колку подземни води располага теренот, а првите наоди се оптимистички. Треба да се знае дека искористените води повторно се враќаат во земјата и се создава еден затворен систем кој насекаде во светот одлично функционира, вели Симха за Утрински весник.

Тој додава дека за да сместат 20.000 крави, кои ќе ги донесат од Австрија, Германија и од Холандија, ќе им биде потребен покриен простор од 240.000 квадратни метри.

-Бидејќи кравите нема да бидат врзани и ќе можат слободно да излегуваат од покриениот дел, за нив ќе имаме и отворен дел од 24.000 квадратни метри. Во надворешниот дел ќе има лагуна, а во непосредна близина ќе биде и складиштето за сточната храна. Инаку, оваа сорта на крави дава од седум до десет илјади литри млеко за 300 дена колку што кравите се молзат“, појаснува првиот човек на „Сахара млекарница“.

Самата млекарница, според Ап Симха, ќе биде лоцирана во близина на селото Каратманово, односно во непосредна близина на патот Скопје – Велес – Штип, а во чија близина е железничката линија. „Сакам македонската јавност да знае дека поради големите температурни разлики што владеат во овој регион, нашите фарми ќе бидат целосно климатизирани. Кравите ја намалуваат млечноста ако температурата во фармите е над 25 Целзиусови степени“.

Извор: kurir.mk

Check Also

Qélianet започнува да работи во Македонија

Интегрален текст од тим информатичари од Охрид. Известувањето Ви го пренесуваме во целост. Почитувани, Ви …