Таа одлука е меч со две острици, но од друга страна подобро е земјоделците да го откупат земјиштето кое го работат со години и да остане нивно, отколку кога државата ќе влезе во ЕУ и тогаш и земјоделците од другите европски држави ќе имаат можност да го купат, вели земјоделецот Данаил Паланков.
Дали земјоделците се подготвени и дали ќе имаат пари да го откупат земјиштето што го имаат изнајмено од државата? Која ќе биде цената? Дали е мал рокот од пет години за исплата на откупеното земјиште? Дали ова законско решение ќе поттикне развој во аграрот со зголемување на инвестициите и земјоделското производство, што е и целта на Законот или земјоделците ќе даваат отпор на неговата примена? Ова се дел од прашањата што се отворија на првата собраниска расправа за новиот Закон за продажба на државно земјоделско земјиште.
Иако со ова законско решение земјоделците не се присилени да го откупат земјиштето што го имаат земено под концесија, односно нивна е одлуката дали ќе продолжат да го обработуваат под наем, или ќе го земат во своја сопственост, сепак дел од земјоделците побараа и негово повлекување.
Вечер анализира, што ќе донесе Законот за продажба на државно земјоделско земјиште и колку земјоделците имаат интерес да се осамостојат и да го зголемат производството и квалитетот на земјоделските производи.
– Ако имаат шанса земјоделците да си го откупат земјиштето, пред се, ако се работи за мала парцела која ја обработуваат, тогаш нема да биде проблем. Но, ако се работи за голема парцела над 10 хектари, тогаш секако требаат поголеми финансиски средства. Во секој случај законското решение не ги обврзува земјоделците да го откупат земјиштето што го имаат под наем, туку нивна е одлуката дали ќе продолжат да го обработуваат под концесија или не – вели Данаил Паланков, земјоделец од струмичкото село Муртино.
Според него, таа одлука е меч со две острици, но од друга страна подобро е земјоделците да го откупат земјиштето кое го работат со години и да остане нивно, отколку кога државата ќе влезе во Европската унија и тогаш и земјоделците од другите европски држави ќе имаат можност да го купат.
Најголеми забелешки на земјоделците е рокот од пет години за отплата на земјиштето кој според нив е премал и бараат при утврдувањето на цената за продажба да се води сметка за неговата местоположба и инфраструктура.
– Сите оние земјоделци кои имаат земја под концесија се заштитени затоа што нивно право е дали ќе ја дадат земјата на продажба. Тоа што дава сигурност е и дека доколку на јавното наддавање се постигне највисока цена, земјоделците го имаат последниот збор, односно да може да ја земат својата земја – вели Ефтим Шаклев од Асоцијацијата на земјоделци.
Според министерот за земјоделство Љупчо Димовски, продажбата на државно земјоделско земјиште ќе го раздвижи капиталот, а од приватизација на парцелите бенефитот за земјоделците ќе биде повеќекратен и ќе се создадат услови за сериозно агропроизводство.
– Сопственото е најсигурно. Оттука, ако се вложи сопствен капитал, ќе се води сметка за целосна обработка на површините со користење современи агротехнички мерки и модерна механизација. Тоа, пак, ќе значи зголемување на приносите и на вкупното производство – изјави Димовски на првата презентација на предлог-законот пред претставниците од агробизнисот.
Според него, секој земјоделец ќе може да учествува на огласот доколку ги исполнува условите предвидени со законот.
– За поголемите површини ќе се бара, како досега, доставување бизнис-план и број на лица кои е планирано да се вработат, како и банкарска гаранција како сигурност дека програмата ќе биде целосно реализирана – потенцираше Димовски.
Според Министерството за земјоделство, предложеното законско решение е донесено на барање на земјоделците и оти содржи елементи со кои се заштитуваат концесионерите кои во моментот користат државно земјоделско земјиште.
Предмет на продажба е земјоделско земјиште кое не е под договор и земјоделско земјиште за кое концесионерот ќе даде согласност тоа да се продава. Доколку земјоделецот концесионер не се согласи да го продаде земјиштето, тоа не може да се стави на продажба што значи дека неприкосновено право има концесионерот да каже дали земјоделското земјиште ќе се продава и во кој момент.
Почетната цена на земјиштето ќе се утврдува од страна на Бирото за судски вештачења, а продажбата ќе биде јавна и транспарентна.
Земјоделците ќе имаат можност да го откупат земјиштето во готово или на рати во период од пет години со можност за негово продолжување на уште пет години.
Во законот е даден и рок од осум години во кој не ќе може да се врши пренамена на земјоделското земјиште во градежно.
Извор: vecer.com.mk