Агро-прехранбениот сектор во Европа и Централна Азија оценет како “иновативен” и “инклузивен“
18-ти мај 2018 година, Вороњеж, Руска Федерација – Триесет и првата седница на Регионалната конференција на ФАО за Европа која се одржа за прв пат во Руската Федерација заврши денеска по три-дневните интензивни разговори. Таа е петта во серијата, после регионалните конференции оваа пролет за Африка, Латинска Америка и Карибите, Азија и Пацификот и Блискиот Исток и Северна Африка.
Четириесет и три земји од вкупно 53, плус Европската унија, набљудувачи и претставници од граѓански организации, приватниот сектор, истражувачи и претставници на академијата учествуваа во дебатите во врска со главните предизвици за сигурноста на храната во регионите.
Хозе Грацијано да Силва, генерален директор на Организацијата за храна и земјоделство на ОН (ФАО), ја истакна важноста на Агендата за одржлив развој 2030 и улогата на Регионалната конференција во изнаоѓање начини како Европа и Централна Азија да се пренасочат кон одржливо земјоделство и системи за храна во услови на климатски промени.
Додека гладта во светот бележи пораст во 2017 година, регионот како целина постигна значителен напредок во намалување на несигурноста на храната. Сепак, меѓу земјите се забележуваат разлики. Околу 14,3 милиони луѓе во регионот сѐ уште се соочуваат со сериозна несигурност во достапноста на храна, а многу земји во Европа и Централна Азија се соочуваат со т.н. “тројно оптоварување” за неисхранетост, потхранетост, недостиг на микронутриенти и прекумерна тежина и дебелина.
Конференцијата се осврна на потребата за зајакнување на одржливото земјоделство и го истакна потенцијалот на агро-екологијата и другите пристапи. Исто така, ја истакна важноста од усвојување на пристапот на т.н. “системи за храна”, со цел справување со различните предизвици кои влијаат на земјоделството и сигурноста на храната, и ја истакна ранливоста на регионот на климатските промени поради кревките еко-системи и ограничените капацитети за управување со ризиците.
Учесниците на конференцијата ја истакнаа важноста за развој на е-земјоделството како алатка за спроведување на Агендата 2030 и ги охрабрија земјите членки да ги споделат добрите практики и научените лекции од иницијативите и апликациите за е-земјоделство. Од ФАО се побара да им помогне на земјите во регионот уште повеќе да ги користат придобивките од е-земјоделството – на пример преку споделување знаења, градење на капацитети, собирање на податоци и анализа на добрите практики.
Конференцијата, исто така, ја одобри стратешката насока на Организацијата, преку имплементација на Стратешката рамка и трите регионални иницијативи: 1) зајакнување на малите и семејни фарми за подобрување на руралната егзистенција и намалување на сиромаштијата, 2) подобрување на трговијата со земјоделски производи и интеграцијата на пазарите, и новата 3) регионална иницијатива за одржливо управување со природните ресурси и справување со климатските промени.
Конечно, споредниот настан на тема “Свет без глад” ја нагласи итната потреба да се намали отпадот и загубата на храна, бидејќи една третина од глобалното производство на храна за луѓето се троши или завршува во отпад, што изнесува околу 1,3 милијарди тони годишно. Генералниот директор на ФАО истакна дека загубите на храна претставуваат губење на ресурсите што се користат во производството – како што се земјиште, вода, енергија и други ресурси, што влијае на зголемување на емисиите на стакленички гасови.
ЛИНКОВИ:
Фотографии на конференцијата
https://www.flickr.com/photos/faonews/collections/72157693737253602/
Веб пренос на конференцијата
Регионална конференција на ФАО за Европа
http://www.fao.org/about/meetings/erc31/en/
Регионални иницијативи на ФАО за Европа и Централна Азија