Почетна / Цвеќарство / Ѕвонче- Campanula sp.

Ѕвонче- Campanula sp.

Латински назив: Campanula sp.

Домашен назив: Ѕвонче

Потекло: Европа

Категорија: Повеќегодишно

Висина: Во зависност од сортата до 30 cm

Цветање: Пролет, лето

Локација: Директна или индиректна светлина

Почва: Растресита, богата со хранливи материи

Размножување: Семе, делба на корени

 Опис:

Најчесто се сретнуваат овие три видови:Campanula carpatica, Campanula cochlearifolia i Campanula portenschlagiana  кои се автохтони видови во Европа. Овие видови се ниски перени кои најчесто се третираат и како едногодишни видови поради тоа што многу лесно се размножуваат, брзо цветаат и лесно може да се најдат на нашите пазари. Цветовите се со ѕвончест облик, од каде што го добиле и името, може да бидат бели или во розови и сини нијанси. Во пречник цветовите може да достигнат и до 5 cm (Campanula carpatica) и започнуваат масовно да цветаат во пролет. Редовното отстранување на прецветаните цветови може да го продолжи периодот на цветање во тек на цело лето и рана есен. Многу се погодни за одгледување во жардинјери и алпинетуми каде што се садат на растојание од 30 cm. Кога ги садите во леи секогаш треба да бидат во преден план или да се користат како бордура.

Сл.1 Campanula carpatica

Сл.2 Campanula cochlearifolia

Сл.3 Campanula portenschlagiana

Одгледување:

Сеидбата се врши на крај на зима (февруари- март) до мај на добро дрениран и просеен супстрат. Супстратот пред сеидбата се израмнува и рамномерно се поставува семето. Семето не се покрива со супстрат бидејќи светлината е погодна за ‘ртење, туку само се прекрива со провиден капак или фолија за одржување на влагата. Секојдневно треба да се проветруваат контејнерите и да се оросуваат по потреба со многу ситен распрскувач. Фазата на ‘ртење може да трае и до 30 дена во зависност од сортата и условите на средината. Кога никулците ќе бидат доволно големи за да може да се манипулира со нив најдобро е да се пресадат во посебни контејнери со димензии 5-7cm и поставете ги на добро осветлено место. На почетокот на месец мај се пресадуваат на стално место во градината или во саксии. На ова цвеќе најдобро му одговара добро осветлено место и растресит и хранлив супстрат, но треба да се внимава бидејќи младите растенија се многу осетливи на јако сонце. На крај на сезоната растенијата од жардинјерите може да се пресадат во леи. Размножување со делба на бокорот се изведува на пролет од матични добро развиени растенија. Со остар нож бусенот внимателно се дели на неколку дела во зависност од големината на матичното растение и секој дел посебно се засадува во саксии или на стално место во градината.

Автор: www.agri.mk

Check Also

Аспидистра (lat.Aspidistra elatior)

  Ова растение со темнозелени листови може да поднесе речиси сè. Трпи сенка, чад, а …