Почетна / Вести Македонија / Земјоделските субвенции преку милијарда евра

Земјоделските субвенции преку милијарда евра

До 2016 година субвенциите за земјоделството ќе надминат милијарда евра. Поддршката континуирано се зголемува, следната година ќе бидат издвоени 140 милиони евра, а идните три се предвидуваат по 150 милиони евра. Од 2006-та досега, Владата во аграрот вложи 637 милиони евра.

 

Според земјоделците, субвенциите драстично ја сменија состојбата. Овозможија попристоен живот, произведување храна и за извоз, враќање кон селата и руралните средини.
– За земјоделците доаѓаат подобри времиња. Субвенциите што почнавме да ги добиваме од 2006 година донесоа преродба во аграрот. Тие што велат дека субвенциите за земјоделците се промашени пари, грешат. Парите кои ги добиваме значат многу, и за малите и за големите земјоделци. Служат за поголем развој, за поголемо производство – вели претседателот на Сојузот на земјоделците, Вељо Тантаров.
Според него, за минатата влада земјоделците беа субјект кој само треба да го полни буџетот.
– Додека оваа Влада е на власт и оваа една милијарда евра одвоени за субвенции во земјоделството до 2016 година ќе се зголеми. Секоја следна влада треба да работи како оваа – смета Тантаров.

Во споредба со лани, поддршката годинава е зголемена за пет милиони евра, додека во однос на 2005-та кога беа реализирани 7,6 милиони евра, ова е зголемување од 132,4 милиони евра. Со зголемувањето на субвенциите, последните неколку години континуиран раст бележи и извозот на земјоделското производство, од 242 милиони евра колку што беше пред пет години, лани достигна рекордни половина милијарда евра. Според Државниот завод за статистика, во 2005 година кога субвенциите беа симболични, извозот изнесувал 278 милиони евра, во 2007 година бил 346 милиони евра, во 2009 година 357 милиони евра… Во првите пет месеци од 2013 година извозот е зголемен за 7 отсто во однос на истиот период лани.

Извор: vecer.com.mk

Check Also

Qélianet започнува да работи во Македонија

Интегрален текст од тим информатичари од Охрид. Известувањето Ви го пренесуваме во целост. Почитувани, Ви …