Почетна / Вести Македонија / Три дена се јадеше пита, се пиеше вино и се пееше

Три дена се јадеше пита, се пиеше вино и се пееше

Во Велес по деветти пат се одржа манифестацијата Велешка пастрмајлија”. Неколку илјади велешани и гости од сите краеви на Македонија дојдоа на годинешната манифестација да уживаат во вкусот на питата пастрмалија.

Покрај традиционалната пита тука беа и производителите на вино кои на гостите им понудија повеќе видови од добрата капка. Главната улица, пред гимназијата беше претесна, особено во вечерните часови, да ги собере сите оние кои дојдоа на манифестацијата.
-Годинава питијадата ја организираме заедно со празникот на младото вино. Заедно со велешката народна музика, но и со забавниот дел од програмата. Велес три дена живееше во духот на велешката оригинална пита пастрмајлија. Велешани, како и досега, на сите гости им понудија добра пита и квалитетно вино – изјави градоначалникот на Велес, Горан Петров.

Пред штандовите се чекаше на ред и се бараше слободно место за седнување на поставените маси и столови. Полни со гости беа и кафетериите. Повозрасните велешани навреме обезбедуваа пити за ручек.
-Прекрасна манифестација. Ми дојдоа гости и од Битола и од Скопје. Со добра голтка вино велешката пита е уште поубава. Оваа традиција треба да продолжи – вели постар велешанец.
Помладите пак, масовно ја посетуваа манифестацијата во вечерните часови. Од сите страни одекнуваше музиката на велешката чалгија. Не изостана и забавната музика. До еден часот по полноќ, угостителите напорно работеа за да ги задоволат сите што дојдоа.
-Се дружевме прекрасно. Поминавме пријатни часови со пријатели од Штип кои дојдоа да ја вкусат велешката пита. Верувајте, им се допадна. Традицијата треба да продолжи – вели помлад велешанец.

Дека велешката пита пастрмајлија е најстара во Македонија зборуваат и пронајдените документи во турскиот архив од страна на професорката на Истанбулскиот универзитет Имрен Јосифова, Ерменка, кавадаречка снаа, родена во Бугарија.
-Дојдовме до пишан документ од почетокот на 1869 година, каде се за зборува дека две илјади турски војници, додека престојувале во Велес биле хранети со тесто посипано со овчо сушено месо, налик на турската састрма. И по толку време ние останавме верни на традицијата и оригиналот – рече градоначалникот Петров.

Инаку, дваесетината производители на пити на годинешната манифестација Велешка пастрмајлија” подготвија и продадоа 15.000 пити пастрмајлии, а винарите пак, продадоа повеќе 10.000 литри квалитетно вино.

(С.А.)


Извор: http://vecer.com.mk/?ItemID=0F354201D2DF874FAB4B69B42405166E

Check Also

„Денови на македонскиот мед 2015“

На улицата „Македонија“ во Скопје денеска ќе биде отворен фестивалот „Денови на македонскиот мед 2015“ …

Leave a Reply

Your email address will not be published.