Почетна / Вести Македонија / Во чинијата сервираме по нешто и од Ватикан

Во чинијата сервираме по нешто и од Ватикан

Лани е увезена стока во вредност од 6,5 милијарди долари, а меѓу неа има и храна која ни дошла од далечни и егзотични дестинации како Оман, Свазиленд, Куба, Мадагаскар…

Црева и бабулиња од животни, мекотелци, патент-затворачи, уреа, разни сирења, сечкани компири, пченка, пченица, машини, опрема, сурово сончогледово масло, исечкана живина и отпадоци, затки за шишиња, пластични кеси, копчиња, етикети, негасена вар, возила, градежна опрема, текстил… Се ова и уште многу друго се наоѓа на листата на производи кои се увезуваат во Македонија. Дали сето тоа е потребно и колку може да се замени со домашно производство? Ова прашање се наметнува кога ќе се види колку девизи “одлетале” од државата за да се донесат сите овие неопходни, ама и не толку потребни производи, од кои можеби некои останале во магацините на увозниците.

Лани беше увезена стока во вредност од 6,5 милијарди долари, помалку од годината пред тоа, кога увозот изнесуваше над седум милиони долари, но не затоа што сме увезле помалку свеж и конзервиран зеленчук, брашно или бабулиња од животни и патент-затворачи, туку затоа што стопанството беше во пад и купуваше помалку суровини, репроматеријали, машини и опрема. Иако важиме за земјоделска земја, на странска храна само за еден месец, од јануари до февруари годинава сме потрошиле 99,8 милиони долари. Увозот на храна е во пораст. Со години наназад се увезуваат големи количини сурово сончогледово масло, иако државата има голем потенцијал за одгледување на сончоглед. На македонските ниви може да се белее памукот, но одамна го нема. Денес тој во основна или преработена форма ни “лапа” девизи. Ако увозот на кафе, лимони или банани на пример е оправдан, бидејќи тие кај нас не можат да се одгледуваат, увозот на пченка и пченица иако има објаснување, тешко се разбира.

Според универзитетската професорка Шенај Хаџимустафа нашата зависност од увоз, вклучувајќи ја и храната, лежи во тоа што во македонските фабрики не се произведуваат доволно производи со повисок степен на доработка, па мораме да ги задоволуваме преку странски производители.
– Поголем дел од увезената храна е со повисок степен на доработка. Треба да ги искористиме нашите капацитети да произведуваме такви производи што ќе задоволуваат високи стандарди. Такви ќе можеме не само ние да ги користиме, туку и да ги извезуваме и со нив да бидеме конкурентни на странските пазари – вели Хаџимустафа.

Таа смета дека државата преку своите институции и кадри треба да им помогне и да ги насочи земјоделците што да произведуваат. Тоа што е непродуктивно да се замени со нешто друго, а притоа да се користат напредни технологии.
– Но, за тоа е потребна стратегија на подолг рок во насока на создавање храна со повисок степен на доработка, која би можела да оди и за извоз – објаснува Хаџимустафа.

Внимателен преглед на статистичките извештаи за увезените производи, особено кога ќе се видат одлеаните девизи за млеко, брашно, сирење и слично, во најмала рака зачудува. Но, уште поинтензивен е впечатокот кога ќе се види листата на земји од кои увезуваме храна. Најмногу храна се носи од Србија, но овде-онде во чинијата ставаме и по нешто произведено или одгледано во Бангладеш, Боливија, Еритреја, Јордан, Куба, Оман, Свазиленд, Зимбабве, Пакистан… За увоз на храна од Никарагва, на пример во 2010 година се потрошени 10.000 долари, за цела година. Вкупниот увоз од Оман вреди 2.000 долари, од кои 1.000 се дадени за храна. Од Пакистан допатувало поголемо количество, за кое се потрошени цели 9.000 долари, а од Мадагаскар во вредност од само 1.000 долари. Храна за 11.000 долари е увезена и од Ватикан. Што ни е сервирано од овие дестинации не се соопштува. Но статистичарите откриваат поразителни податоци дека годишно за увозен шеќер трошиме околу 37 милиони евра и некое милионче повеќе за сончогледово масло, иако можеме да си ги правиме и дома. Лани се потрошени и 16 милиони долари на увезено брашно.

Светлана ВУКЧЕВИЌ

Извор: vecer.com.mk

Check Also

„Денови на македонскиот мед 2015“

На улицата „Македонија“ во Скопје денеска ќе биде отворен фестивалот „Денови на македонскиот мед 2015“ …

Leave a Reply

Your email address will not be published.