Почетна / Вести Македонија / Секси морска сирена ќе ги мами скопјани, а петел ќе им кукирика

Секси морска сирена ќе ги мами скопјани, а петел ќе им кукирика

По желката, рибата и паунот во тек е изработката на нови цветни скулптури што ќе се постават низ Скопје, едната ќе бида морска сирена, другата петел и три бувови.

Цветните скулптури кои одамна се присутни низ светските метрополи, од неодамна почнаа да го красат и нашиот главен град. Досега јавното претпријатие “Паркови и зеленило” постави три фигури на животни со цветен аранжман. Едната фигура е желка која се наоѓа пред Зоолошката градина, втората скулптура во облик на риба го краси новиот кружен тек во Бутел, а третата цветниот паун беше презентиран на отворањето на новиот парк Македонија во Тафталиџе. Од јавното претпријатие најавуваат дека во изработка се уште неколку нови скулптури од цвеќе. Градските паркови и зеленила наскоро ќе бидат украсени со една морска сирена, втората скулптура што е во изработка е петел, а ќе се постават и три бувови. Локацијата на поставување на хортикултурно уредените скулптури се уште не е утврдена, а надлежен за нејзиното одредување е Град Скопје. Оттаму само кусо одговорија дека се уште не одлучиле каде ќе застанат морската сирена, петелот и бувовите.
– Идејата да почнеме со цветни скулптури потекна од еден неформален разговор со градоначалникот на Град Скопје и секретарот. Ние им кажавме дека можеме хортикултурно да ги уредиме и така дојде до идеја со помош на средното уметничко училиште да соработуваме и да ги правиме скулптурите – посочи директорот на ЈП-Паркови и зеленило, Душан Авировиќ.За изработка на конституцијата на скулптурата се задолжени од средното уметничко училиште “Лазар Личеновски”. Откако тие ќе ја изработката фигурата, ја преземаат од ЈП-Паркови и зеленило и ја уредуваат хортикултурно. Според објаснувањето на директорот од “Паркови и зеленило” основата на скулптурата што се прави во училиштето е од поцинкувана жица на која се става филц за да може да го држи тресетот, односно најквалитетната земја и на него се садат цвеќињата. Кој тип на цвеќе ќе се посади зависи од временските прилики, односно цвеќињата мора да се заменуваат во летната и зимската сезона. Од претпријатието велат дека е направен првиот чекор кон овој вид на уметност, а понатаму планираат да почнат да прават фигури и на жива ограда.
– За во иднина, за што ни е потребно повеќе искуство, сме во план да правиме фигури од жива ограда на кои потоа не им треба посебен третман и остануваат 365 дена исти. Фигурата би била од буксус, еден вид на жива ограда, која е најдобар за обликување на фигури, од која е направен и лавиринтот во градски парк. За да се направи една цветна фигура не се одзема многу време кај нас хортикултурно ја уредуваме за два дена – посочува директорот Авировиќ. Во светот хортикултурната уметноста особено се вреднува. Различни фигури од бикови, лисици, индијански поглавари, жени, пејзажи, згради, топки, и воопшто сите фигури од животни, објекти и човечки актови може да се најдат по парковите и зеленилата. Освен што цветните фигури може да се сретнат по сите метрополи, во неколку земји меѓу кои Канада, Австралија, САД, Англија, Холандија се одржуваат и цветни фестивали. Најстресни се деновите пред одржувањето на фестивалот, бидејќи цвеќето мора да биде свежо, па жителите деноноќно работат за да ги завршат инсталациите. Во рамки на фестивалот има и посебни натпревари во кои групи се натпреваруваат за наградата Најубава цветна скулптура”. (С.М.)

Извор: http://vecer.com.mk/?ItemID=909E0C48339AAD4F92F4E1D32A2C4184

Check Also

Qélianet започнува да работи во Македонија

Интегрален текст од тим информатичари од Охрид. Известувањето Ви го пренесуваме во целост. Почитувани, Ви …