Почетна / Вести Македонија / Парични и затворски казни за лош семенски материјал

Парични и затворски казни за лош семенски материјал

Од оваа година Владата ќе покрива половина од вкупните трошоци за секој субјект кој ќе сака да организира репродуктивен центар за семенски материјал.

Владата почнува кампања за информирање на земјоделците за новини во фитосанитарната област со кои тие треба да се заштитат од лошиот семенски материјал, а преку тоа да се заштити и здравјето на луѓето. Кампањата Секој фармер контролорр се потпира на измени на неколку закони од фитосанитарната област, кои Владата ги усвои на последната седница.
– Се изменуваат корпус закони чија цел е унапредување на заштитата на квалитетот на семето, пестицидите и ѓубривата и на тој начин оневозможување некој да направи економска штета врз земјоделците или да влијае и да ги загрози здравјето и безбедноста на граѓаните во Македонија преку употреба на неисправни фитосанитарни производи – објаснува владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев.

Во рамките на оваа активност трговците со семенски материјали, ѓубрива и пестициди ќе бидат обврзани на видно место да го објават телефонскиот број на Државниот инспекторат за земјоделство на кој фармерите ќе може да пријават неправилност во прометот на земјоделските репроматеријали. Кампањата Секој фармер контролорр ќе има цел да ги информира за оваа новина.

Законските измени предвидуваат институциите да прават редовни и почести фитосанитарни проверки, во точно утврдени периоди и методи. Ќе се засилува и кадарот со вработување инспектори во оваа област, посебно за контрола на пратките што влегуваат на граничните премини. Лабораториите за утврдување контрола на семенскиот материјал ќе мора да бидат меѓународно акредитирани до 1 јануари 2015.

Интервенирано е и во казнената политика. Најмалку двојно се зголемени паричните казни за прекршување и изигрување на законите од страна на производителите или продавачите на семенски материјал, а десеткратно ако работат неовластено.

Со измени во Кривичниот законик се утврдени и построги затворски казни. За физичко лице кое произведува или продава материјали штетни за здравјето на луѓето или генетски модификувани материјали предвидена е казна од пет до 10 години затвор за правно лице што ќе го штити интересот на субјектот кој го крши законот, меѓу три и 20 години затвор за нанесување сериозна материјална штета на имотот и посевите, а за смртни последици поради противправни дејства казната затвор е од пет до 20 години.

За лицата кои квалитетно и правно постапуваат во оваа дејност и ги почитуваат законите, предвидени се стимулативни мерки. За секој произведен и продаден расад кој е одгледуван и продаден врз квалитативни и меѓународно верификувани стандарди се дава субвенција од пет денари. Од оваа година Владата ќе покрива и половина од вкупните трошоци за секој субјект кој ќе сака да организира репродуктивен центар за семенски материјал.

Извор: vecer.com.mk

Check Also

Qélianet започнува да работи во Македонија

Интегрален текст од тим информатичари од Охрид. Известувањето Ви го пренесуваме во целост. Почитувани, Ви …