Почетна / Сточарство / Органско говедарство

Органско говедарство

Составен дел на одржливото земјоделство е органското земјоделство. Целта на органското земјоделство е подобрување на здравјето и продуктивноста на заемно зависните заедници, почвениот жив свет, растенијата, животните и луѓето.

Основни карактеристики во органското земјоделство се избегнување на користење на вештачки материи во производството и промовирање исклучиво на природни материи кои се користат како ѓубрива, пестициди, или додатоци во производството и преработката на храната.

Клучен принцип е заемното делување на сите компоненти кои учествуваат во циклусот на производство на храна:

• Одржување и зголемување на долгорочна плодност на почвата;

• Промовирање на правилна употреба и грижа за водата, водните извори и живиот свет во неа; и

• Да се произведува (доколку се има можност) во затворен систем.

            Најефикасен начин на органско производство е на интегрални органски фарми т.е. фарми кои имаат и растително и животинско производство интегрирани во една целина. Дел од растителното производство се користи за исхрана на стоката, а стоката обезбедува органски ѓубрива за исхрана на растенијата. Органското производство се темели на воспоставување хармонија помеѓу човекот и природата, која е сериозно нарушена со употребата на новите технологии и практики.

            Органското говедарство во Македонија е на самиот почеток. Во 2008 година во процесот на конверзија од конвенционално кон органско производство се вклучи и првата говедарска фарма, која има за цел да служи како пример за тоа како може да се воспостави рамнотежа во еден затворен циклус на кружно движење на материјата и енергијата.

              Во блиска иднина овој позитивен пример ќе го следат и голем број производители кои и во моментот располагаат со потенцијал, кои со минимални корекции ќе се стекнат со статус на органски фарми. Во забрзување на овој процес свој придонес дава и државата, односно Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на Република Македонија, кое со свои мерки за финансиска поддршка (субвенционирање) го поткрепува развојот на севкупното органско земјоделство во земјава.

            Органскиот начин на одгледување на говедата се темели на принципите на природните закони, а тоа значи одгледување на животните во што е можно поприродно опкружување, со што им се дава можност на животните да го зачуваат природниот начин на исхрана, парење, одгледување на младите, воспоставување хиерархија во стадата и сл. Слика 1. Автохтона раса – Буша. Крава и теле

            Но сепак, не треба да заборавиме дека одгледуваме домашни животни, кај кои под влијание на селекцијата (колку и да е таа минимална), дошло до ослабување на отпорноста кон неповолните временски влијанија и природните непријатели. Значи, овие животни имаат потреба од престој во заштитен простор – штали. Обезбедувањето на овие услови, како и одредувањето на бројот на одгледуваните животни на фармата, е работа на фармерот кој треба да направи рамнотежа помеѓу расположливите површини за производство на сточна храна од една страна, и од друга страна бројот на животните кои треба да обезбедат доволно шталско ѓубре како храна за растителното производство.

            Говедата на органската фарма треба да потекнуваат од органска фарма, за што во Македонија засега нема можност. Втора можност е конвенционална фарма да отпочне процес на конверзија кон органско производство. За една говедарска фарма да се здобие со органски статус, мора најпрво да ја вклучи во конверзија сточната храна, која по добивањето на органски статус обезбедува услов да се конвертираат и животните. Конверзијата за фуражните култури трае две години (со можност за намалување на овој период доколку се докаже дека површината на која се одгледуваат растенијата не е загадена). Конверзијата пак на животните трае половина до една година, во зависност од правецот на производство: месо или млеко

 При одгледување на животните, почитувајќи ги принципите на органското земјоделство, фармерот треба да ги задоволи следните услови:

• што е можно поприродно опкружување;

• што помалку стрес при производството;

• исхрана со квалитетна, разновидна храна, при чие производството се запазени органските принципи;

• хуман однос кон животните во согласност со производните потреби; 

• намалување на можностите за повреди, болести и стрес кај животните;

• доволно простор за секое грло за престој, лежење, хранење и слободно

движење. 

            Фармерот истовремено треба да се погрижи да произведува квалитетни и безбедни производи, кои повратно би довеле и до нивна зголемена потрошувачка, а со тоа и поволен економски ефект од работењето.

            Пресвртот од конвенцонално во органско производство не е така едноставна работа. Тоа бара одреден временски период на адаптација и секој фармер кој планира да направи пресврт во своето производство пожелно е да ги следи следните совети:

 • Добро запознајте го пазарот на органските производи што ги произведувате; 

 • Запознајте ги барањата и специфичностите на своите потрошувачи; 

 • Добро искомбинирајте го односот на застапеноста помеѓу растителното и животинското производство;

 • Доколку е можно, обезбедете услови на фармата за организирање на селски туризам;

 • Самоиницијативно соработувајте со квалитетна советодавна служба во

функција на детектирање и намалување на ризиците при производството

и зголемување на рентабилноста на фармата; 

• Водете детална евиденција со која ќе развиете сопствена база на податоци, од каде што ќе добиете јасна слика за тоа што треба а што не треба да практикувате во работењето; 

• Поврзете се и соработувајте со други производители со цел размена на искуства и увид во добрата производствена практика кај понапредните фармери; 

• Мора да се регистрирате во државните служби и да станете член на некаков организиран облик (граѓанско здружение) на производители на органски производи.

             Во Македонија се одгледуваат повеќе раси говеда, од кои во млечното говедарство најзастапени се Источно Фризиската, Холштајнот, Монтафонецот и др. Од месните раси говеда доминираат мелези на расите Оберинталец, , Херефорд, Пинцгауер  и др. вкрстени со домашното автохтоно говедо со слаби производствени перформанси Бушата.

Слика 2. Херефорд Слика 2. Херефорд

            За одгледување на говеда за млеко во рамничарските делови за препорака е комбинирање на расите Монтафонец, Сименталец, Источно Фризиска и др. кои се одликуваат со добра продуктивност во добри одгледувачки услови. За повисоките ридско-брдски терени најдобра комбинација е локална раса говеда подобрена со товните раси Херефорд и Оберинталец кои во наши услови се тестирани и докажани како раси кои се одликуваат со добра продукција на поскромни одгледувачки услови. Исто така на оваа комбинација може да се додаде и крв од Лимузинец, Сименталец (тип месо), Абердин Ангус и сл.

 

Напишано од: Ангел Секуловски дипл. агроном инжинер

Check Also

Во Дебар се продава добиток по улици

Дебарските сточари се принудени да го продаваат добитокот на диви пазари низ градот бидејќи на …