Почетна / Вести Македонија / Одложено плаќањето на кириите за државните ниви

Одложено плаќањето на кириите за државните ниви

Владата го одложи рокот за плаќање кирија на земјоделците што имаат земено под закуп државно земјиште за шест месеци. Со новиот закон за земјоделско земјиште досегашниот рок – 31 декември во тековната година, се заменува со 31 јули следната година.

Во Министерството за земјоделство велат дека ова било направено на барање на земјоделците и дека од оваа година, па натаму закупнината ќе ја плаќаат среде лето. Годишната закупнина се движи од 5 евра за хектар за земјиштето од пониските класи до 25 евра за повисоките. Се нуди с` и сешто – од плодни ниви покрај пат со наводнување, до угари кои не се обработувани и по 20 години. Политиката на Владата е да се издаде и да се обработи секоја педа земја. Според последните податоци на Министерството за земјоделство, во државава има 521.000 хектари обработлива површина. Меѓу нив на цена најмногу се ораниците и бавчите на кои отпаѓаат 420.000 хектари.

Земјоделците велат дека се задоволни од одлуката и дека на ваков начин полесно ќе може да ја платат закупнината откако ќе го продадат произведеното.

Во ресорното министерство предупредуваат дека одлуката што ја донеле важи од оваа година и дека заостанатите кирии ќе мора да се платат навреме.

– Сите корисници на земјоделско земјиште во државна сопственост кои имаат склучено договори за закуп со Министерството за земјоделство, плаќањето на закупнината за претходната година може да ја извршат најдоцна до 31 јули во тековната година. Воедно сакаме да потенцираме дека законските измени за плаќање на закупнината најдоцна до 31 јули во наредната година се однесува само за неплатената закупнина за тековната 2012 година – децидни се во Министерството за земјоделство.

Оттаму објаснуваат дека досега има склучено 5.350 договори за закуп и плодоуживање на земјоделско земјиште во државна сопственост на околу 143.610 хектари.

– До 2006 година слободно може да се каже дека процесот на издавање под закуп на државно земјоделско земјиште беше речиси заборавен и имаше склучено само 313 договори со земјоделци за околу 18.500 хектари. Околу 98 договори беа склучени со комбинатите и тоа за површина од 80.000 хектари – изјави неодамна министерот за земјоделство Љупчо Димовски.

Во Министерството велат дека важно е да се напомене дека земјоделците сега ја плаќаат закупнината, а овој износ кој е приход на буџетот, во последните три години изнесува 566 милиони денари. Идејата е максимално да се искористи обработливото земјиште во функција на што поголема продукција на храна. По теркот на развиените земји, се размислува и за воведување данок за оние што имаат земјоделско земјиште, а не го обработуваат.

Огласи за издавање земјоделско земјиште под закуп ќе има с` додека не се издаде и последното парче необработена земја, велат надлежните.

Валентина Ангеловска

Високи казни за узурпација на земјиште

Ниеден земјоделец не смее да користи државно земјоделско земјиште без склучен договор за закуп во писмена форма, велат во Државниот инспекторат за земјоделство. Ако се утврди дека е сторен прекршок и дека е узурпирано земјиштето, се поднесува пријава за поведување прекршочна постапка.

Глобата за правно лице изнесува од 10.000 до 20.000 евра во денарска противвредност, а на одговорното лице од пет до 10.000 евра. Од три до шест илјади евра ќе се казнуваат и физичките лица, односно земјоделците што узурпираат државно земјоделско земјиште.

Во новиот закон за земјоделско земјиште се предвидени и парични казни и за оние кои имаат склучени договори за закуп, а што не ги почитуваат одредбите од законот. За нив казните се движат од 1.000 до 100.000 евра за правни и физички лица кои извршиле привремена пренамена за неземјоделски цели и вршат загадување на земјоделското земјиште.

Извор: http://dnevnik.mk/?ItemID=F02018003F24E2438CE6CF0C2BC9090A

Check Also

Qélianet започнува да работи во Македонија

Интегрален текст од тим информатичари од Охрид. Известувањето Ви го пренесуваме во целост. Почитувани, Ви …