Почетна / Вести Македонија / Незрело грозје ја урна цената на „кардиналот“

Незрело грозје ја урна цената на „кардиналот“

– Грозјето убаво почна да се продава по 50 денари за килограм. Но, некои непромислени и алчни лозари побрзаа да го оберат уште зелено за да го продадат по повисока цена, не размислувајќи дека на тој начин му штетат на целото лозарство во Македонија. И се случи тоа што се очекуваше во таква ситуација. За кратко време, „кардиналот“ падна на 20 денари за килограм.

Треба еднаш засекогаш да сфатиме дека берењето зелено грозје е меч со две острици. Можеби ќе се продаде одредена количина по 50 денари, но другото грозје ќе мора да се даде за џабе – рекоа лозари, кои реагираат што поединци сакаат да го соберат кајмакот од продажбата на трпезното грозје во Тиквеш.

Лидерот на лозарите, Љупчо Аризанов, исто така нагласи дека недостасаното грозје навистина ја урнало цената на „кардиналот“.

– Лозарите треба еднаш засекогаш да сфатат дека за да постигнат добра цена и сигурна продажба на својот род, мораат грозјето да го берат зрело, а не „прошарано” – дециден е Аризанов.

Тој нагласи дека со години на некои земјоделци им се случува истото, да берат „зелени“ земјоделски производи и со тоа да им прават штети на другите производители во земјоделството, кои чекаат нивниот род во нивите да ја достигне потребната зрелост. Денеска на импровизираниот кванташки пазар во Kавадарци килограм „кардинал“ се продаваше по 20 до 22 денари за килограм. (С.Д.)

Извор: dnevnik.mk

Check Also

Qélianet започнува да работи во Македонија

Интегрален текст од тим информатичари од Охрид. Известувањето Ви го пренесуваме во целост. Почитувани, Ви …