Почетна / Вести Македонија / Легализирање на земјоделските објекти за поголемо користење ИПАРД средства

Легализирање на земјоделските објекти за поголемо користење ИПАРД средства

Со легализирање на земјоделските објекти фармерите стануваат финансиски помоќни, а тоа им отвора можности за користење средства од ИПАРД Програмата, изјави заменик министерот за земјоделство, Зоран Коњановски по посетата на Регионалната канцеларија на Федерацијата на фармери (ФФРМ) во Струмичко.

Согласно измените на Законот за земјоделско земјиште, постапката за легализација на шталите, оранжериите и останатите земјоделски објекти, е драстично поедноставена. Се сведува на поднесување барање до локалната власт и изработка на градежен елаборат.

Коњановски апелира производителите што поскоро да почнат и со регистрирање на земјоделската механизација, тракторите и приклучните машини, процес што го овозможи Владата со најновите измени на Законот за сообраќај.
– Со писмена изјава пред нотар и доставување барање за регистрација до надлежните органи на МВР, може да почне легализацијата на овие машини – истакна заменик министерот.

Мерките чие спроведување овозможи легализирање на објектите и машините во земјоделството се дамнешни барања на фармерите. За полесно спроведување на овие активности ФФРМ на своите членови ќе им издаде прирачници.
– Легализацијата и регистрацијата на тракторите и останатите земјоделски машини ќе овозможи контрола на нивната техничка исправност. Со тоа генерално ќе се зголеми и безбедноста во сообраќајот на локалните и регионалните патишта – изјави претседателот на Федерацијата, Андрија Секуловски, додавајќи дека годишно се евидентираат и по сто сообраќајки со земјоделска механизација во кои најчесто страдаат млади луѓе.

Легализацијата на земјоделските објекти треба да заврши до август идната година, а легализацијата и регистрацијата на механизацијата до октомври 2013.

Извор: http://vecer.com.mk/?ItemID=060BA801853DE04BBAA7F3B6E4BDE9B7

Check Also

Qélianet започнува да работи во Македонија

Интегрален текст од тим информатичари од Охрид. Известувањето Ви го пренесуваме во целост. Почитувани, Ви …