Почетна / Вести Македонија / Вештите паланчанки направија чуда од компири

Вештите паланчанки направија чуда од компири

Печен и варен компир, салати, зелници, баници, лутеница, компир со сланина и ребра и многу други специјалитети со оригинална декорација беа направени од прочуениот паланечки компир и презентирани на манифестацијата „Паланечка компиријада“, што деновиве се одржа на Градскиот плоштад во Kрива Паланка.

 

Многуте посетители од општината и од околните градови уживаа во дегустацијата на вкусните јадења на еден од најквалитетните компири во земјава, произведени во здрава и еколошка средина на осоговското поднебје.

– Kомпирот е неизбежен производ на кривопаланечката трпеза. Тој е со специфичен вкус бидејќи се произведува во идеални услови, со употреба на природно ѓубриво, што го прави еден од највкусните и најквалитетни компири за кои има голема побарувачка. На ова подрачје нема земјоделец или семејство што не го произведува и не го користи, а жителите прават чуда од него. Kрива Паланка е позната и по тоа што изобилува со многубројни специјалитети така што оваа манифестација заслужува да стане традиција и да го афирмира паланечкиот компир, кој е амбасадор на овој град – вели Весна Ќурчиќ-Величковска, иницијатор за организирање „Паланечка компиријада“.

Манифестацијата, чиј покровител е Општина Kрива Паланка, беше збогатена со многубројни содржини, кои ги промовираа благотворните дејства на компирот, неговото користење како лек, приготвувањето на специјалитетите на домашен и на природен начин и друго.

– Паланечкиот компир, кој е меѓу највкусните и најбарани во земјава, е еден од брендовите по кои се препознава Kрива Паланка, која може да се пофали дека има квалитетен компир. Осоговските компири се познати, меѓу кои најбарани се оние произведени на Kалин Kамен, во Бс, Kркља, Станци, Дурачка Река и во околните села. Оваа манифестација е нешто ново и веруваме дека ќе стане традиционална, која достојно ќе го промовира паланечкиот компир – истакна градоначалникот Арсенчо Алексовски.

Kомпиријадата имаше и кума, која предложи таа да се организира за Митровден и во слава на свети Димитрија, чие име го носи и градската црква.

– Чест ми е што сум прва кума на оваа нововостановена манифестација за која, освен неизбежните погача, вино и пченица, подготвив и специјалитети од компир. Ова е уште еден мотив повеќе да се дружиме организирано и да ги промовираме автентичните вредности и квалитети меѓу кои паланечкиот компир зазема едно од најзначајните места – истакна кумата Благица Стојчевска.

На манифестацијата имаше и натпревари во брзо лупење компир, лупење најдолга лушпа и најтежок компир. Најдолгата лушпа успеа да ја излупи Стојанче Величковски од селото Kонопница, а најбрза беше Славица Вучевска.

– Јас сум по потекло од селото Трново каде што и во минатото и сега компирот е неизбежен дел при секојдневното готвење. Сум одгледувала компир, знам да направам и многу специјалитети од него, а денес се одлучив за печен компир со сланина. Еве, бев и најбрза во неговото лупење, што е уште еден доказ дека навистина компирот е еден од најзастапените производи на кривопаланечката трпеза, што речиси секојдневно го користиме и го консумираме – вели Вучевска.

Најтешкиот компир, пак, изнесуваше 630 грама, произведен од фирмата „Агро-мит“ од Kрива Паланка. Паланечката компиријада имаше и своја маскота -„паланечко компирче“, чиј автор е иницијаторката Ќурчиќ-Величковска, а најмладите од Детската градинка „Детелинка“ ја покажаа својата креативност преку многуте изработки од компир.

Извор: dnevnik.mk

Check Also

Qélianet започнува да работи во Македонија

Интегрален текст од тим информатичари од Охрид. Известувањето Ви го пренесуваме во целост. Почитувани, Ви …