Почетна / Вести Македонија / Две пекарници затворени поради нехигиена

Две пекарници затворени поради нехигиена

Kај 58 производители на леб утврдени се недоследности во контролните системи за добра производствена и добра хигиенска практика и не навремено проверена здравствена состојба на вработените.

Две пекарници се затворени, а кај 58 е констатирано дека не работат според принципите на системот за безбедност на храната (ХАЦЦП). Дури 43 од нив мора веднаш да ги отстранат недостатоците доколку сакаат да продолжат да работат. Ова е резултатот од инспекциските контроли на Агенцијата за храна на производителите на леб и бели печива од минатиот месец. Во Организацијата на потрошувачи на Македонија (ОПМ) велат дека граѓаните и покрај големата понуда на леб, кој се нуди на секој чекор, главно се незадоволни од квалитетот и од вкусот на лебот. Граѓаните се жалат дека лебот е недопечен, со премногу дупки, премногу влажен, со премногу квасец и со адитиви и без вкус, а и не може да стои подолго од еден ден. Во Агенцијата за храна се децидни и најавуваат казни до 5.000 евра за сите што нема да ги почитуваат одредбите за здрава и безбедна храна.

– Производителите на леб имаат обврска за воведување и за одржување на ХАЦЦП-системот за безбедност на храната, чија основна цел е да ги елиминира евентуалните инциденти до кои може да дојде во процесот на производство и на транспорт. Согласно со законските и со подзаконските акти, кои ја регулираат оваа материја, производството на леб е под постојана контрола на нашите инспекциски служби – велат во Агенцијата за храна и ветеринарство.

Од таму објаснуваат дека при последните спроведени инспекциски контроли во текот на март и април на стотина пекарници во државава, недоследности се констатирани кај 58 производители на леб. Станува збор за помали недоследности, кои се однесуваат на неприменување хигиенски мерки, недоследности на контролните системи за добра производствена и добра хигиенска практика, не навремено проверена здравствена состојба на вработените во пекарниците, нецелосна документација и неажурирање на податоците во согласност со системите за безбедност на храната.

– Во текот на летото и во септември инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство ќе извршат комплетни контроли на сите пекарници во државава дали имаат и дали го одржуваат ХАЦЦП-системот, кој задолжително треба да го имаат сите оператори со храна. За на оние оператори што го немаат спроведено или не го одржуваат овој безбедносен систем ќе бидат изречени казни, кои се движат и до 5 илјади евра – велат во Агенцијата.

Во Организацијата на потрошувачи велат дека поплаки има најчесто за составот на лебот.

– Ако лебот е црн, тогаш тоа значи дека во својот состав треба да има 70 отсто ’ржано брашно, а ако содржи адитиви, треба точно да е назначено кои се тие – вели Маријана Лончар, претседателка на ОПМ.

Граѓаните со забелешки речиси до сите пекарници. Рада Томовска вели дека е пензионерка и дека често ~ се случува да го менува типот на лебот што го консумира.

– Понекогаш се случува лебот купен денеска да не може да се јаде утредента или да не може да се сече или да мувлоса – вели Томовска.

Пекарите што ги консултиравме не сакаа јавно да зборуваат за квалитетот на лебот. Неофицијално велат дека с` зависи од квалитетот на брашното што секоја пекарница сама си го одредува.

Што треба да содржи квалитетен леб

Нашите баби и дедовци правеле леб од брашно измелено од цели зрна жито на камени мелници. Од брашното се правело природно кисело тесто, кое во себе ги имало највредните прехранбени состојки, сложени јаглехидрати, протеини, масти, минерали и витамини. Седумте основни минерали: калциум, јод, железо, магнезиум, фосфор, селен и цинк во заемно дејство со витамините го подобруваат метаболизмот и спречуваат многу модерни болести. Научните истражувања утврдија дека селенот спречува појава на рак, железото спречува рак на желудникот, а неговиот недостиг придонесува за развој на некои непожелни бактерии, кои го претвораат нитратот во канцерогени супстанции, наречени нитрозамини.

Меѓутоа, во модерните времиња начинот на производството на лебот претрпе огромни промени. Ретко кој од потрошувачите знае што с` има во лебот и колкава е неговата хранлива вредност.

Извор: dnevnik.mk

Check Also

Qélianet започнува да работи во Македонија

Интегрален текст од тим информатичари од Охрид. Известувањето Ви го пренесуваме во целост. Почитувани, Ви …