Почетна / Вести Македонија / Богаташи без скршен денар

Богаташи без скршен денар

За предадено грозје уште во 2005 година, а и подоцна, винарници му должат 25.000 евра на лозарот Воислав Стошиќ од Сирково, а околу 3.5000 евра потрошил барајќи го патот на правдата.

Околу 25 илјади евра му должат винарите на лозарот Воислав Стошиќ од росманското село Сирково, за грозје продадено од 2005 година наваму. За несреќата да биде уште поголема, околу 3,5 илјади евра дал за судски трошоци и трошоци за одење по патот на правдата. Со тие пари овој дипломиран земјоделски агроном, инаку земјоделец, може да купи стан во Kавадарци. Има неколку правосилни пресуди, ама побарувањата, барем засега, не може да си ги наплати. Го запознавме на блокадите на патот Градско – Прилеп кај Росоман, каде што повеќе денови протестираше заедно со други лозари од Тиквешко барајќи ги своите пари заработени со мака и пот.

– Дел од парите ми должи винарската визба од Радовиш, а дел винарницата од росоманското село Паликура. Винарите многу манипулираат со нас, па ние, лозарите, работиме за бадијала. Залудно се мачиме од утро до мрак по лозјата. Дел од грозјето е предаден на името на татко ми, тој на 93 години наместо да си ја гледа староста, мора да води судски спор. Се секира оти иако работиме како мравки, не можеме да заработиме за гола егзистенција, а камоли да спечалиме нешто. Дел од грозјето се води на името на мајка ми, која во меѓувреме почина и не дочека да ги земеме парите од грозјето, па да им се израдува. Имам три малолетни деца. Шестмина сме дома, а сите чекаме од земјоделството – вели Стошиќ.

Живејачката ја крпеле ако продадат јаболка или пипер.

– Морав да земам кредит за да платам воден надоместок што ги наводнувам нивите. Ако нема за јадење, морам да позајмам од некого. Толку пари имам за земање, а морам да се срамам кога немам денар во џебот. А земјоделството си има трошоци за агротехнички мерки, кои треба да се завршат и не чекаат, а најмалку прашуваат дали е платено грозјето или не – ни кажа со револт во гласот.

Слична судбина дели и неговиот соселанец Гоце Милошев, кој за продадено грозје очекува да му бидат исплатени околу 7.000 евра.

– Секоја година го имате истото сценарио, некоја од винарниците да ги зафркне производителите на грозје и да не им го плати грозјето. Невидени манипулации има при откупот на грозје. И органите за прогон треба во лозаро-винарството да си најдат малку работа. Ако не е замешан некој „голем”, многу лесно е да се најде разрешница -коментира Милошев на блокадата.

Kавадарчанецот Зоран Мишев има нешто помалку пари за земање за предадено, ама вели дека ни малку не му е полесно од нив оти и тој едвај врзува крај со крај. Овој татко со три малолетни деца побарува над 5.000 евра.

Тие се само дел од лозаропроизводителите кои велат дека со години имаат пари на хартија.

– Но, со таа хартија ние не можеме да пазаруваме во продавница и да платиме комунални обврски – велат лозарите.

Имаат по неколку судски пресуди во нивна корист, но и од нив, нагласуваат, немало аир, оти не можеле да ги извршат.

Ги прашавме како дошло до тоа да однесат по втор или трет пат грозје кај винар кој веќе им должел пари за предадено грозје претходно.

– Моравме. Бевме принудени оти грозјето не е тутун или жито да може да се складира на таванот или во амбарот. Ако не се обере и продаде навреме, ќе скапе по нивите – ни рекоа овие луѓе, кои повеќе денови беа на блокадата барајќи си ги своите пари.

Лозарите и винарите се договорија

Лозарите и винарската визба „Винеа” постигнаа договор за исплата на грозјето, информира претседателот на регионалниот Сојуз на лозари „Агротиквешија”, Љупчо Аризанов. Лозарите од Тиквешко неколку дена протестираа поради неплатено грозје блокирајќи го патот Градско-Прилеп кај Росоман.

– Добивме писмена гаранција дека лозарите ќе ги добијат своите пари. Претставниците на винарската визба „Винеа”, која на лозарите им должи над 600 илјади евра, дадоа ветување дека парите за грозјето од 2009, 2010 и 2011 ќе ги добијат до 5 март годинава. Парите, пак, за ланското грозје се спогодивме да ги исплатат до законскиот рок, 30 април. Гаранциите беа дадени во просториите на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, во присуство на министерот Љупчо Димовски и Румен Стаменов, директор на Државниот инспекторат за земјоделство – соопшти Аризанов.

Лозарите повторно ќе го блокираат патот ако не се почитува договореното.

Извор: dnevnik.mk

Check Also

Qélianet започнува да работи во Македонија

Интегрален текст од тим информатичари од Охрид. Известувањето Ви го пренесуваме во целост. Почитувани, Ви …